Отпечатени 50 илјади домашни платежни картички, 3.000 веќе доставени до граѓаните


Банките веќе изработиле околу 50.000 картички, а една од банките во текот на вчерашниот ден ја доставила Домашната платежна картичка до 3.000 граѓани, соопшти денес министерката за финансии Нина Ангеловска. Таа рече дека до банките се префрлени 27,8 милиони евра и дека до 18 јули ќе се доделат сите картички кои ќе можат да се искористат до 15 август. Издадените  картички се веќе активни и со нив може да купуваат домашни производи, објасни Ангеловска.

„Секој вложен денар во домашните производи, во услужниот сектор – е вложен денар во зачувувањето на овие компании, а со тоа и на бројни работни места кои тие ги креираат“, рече Ангеловска на заедничка прес конференција со министерот за економија Крешник Бектеши при промовирање на ваучерите за туризам.

Станува збор за мерки од третиот пакет антикризни мерки чија цел е ревитализирање на економијата.

„Целта на овие мерки е да се придонесе на многу други нивоа. Едно е поддршката за креирање на безготовинско општество, а со тоа и намалување на неформалната економија“, рече Ангеловска.

Со двете мерки во економијата ќе се слеат вкупно околу 40 милиони евра.

„Овие средства се поддршка за нашите граѓани, но се и важна финансиска инјекција за нашата економија, за домашните фирми, особено кога стопанството треба да почне да се враќа на нозе. Преку платежните картички и ваучерите граѓаните и вработените со ниски приходи ќе добијат по 9.000 денари по лице, односно граѓаните со ниски приходи ќе добијат 9.000 денари преку домашните платежни картички, а вработените со низок доход ќе добијат 3.000 денари преку домашната платежна картичка и 6.000 денари преку ваучерите за туризам“, рече Ангеловска.