Откриени се два нови детали кои придонеле за несреќата на Шумахер на Алпите
Поминаа речиси десет години од несреќата што ја доживеа легендарниот Михаел Шумахер на француските Алпи, а сега во јавноста протекоа досега необјавени детали кои придонесоа поранешниот возач на Ферари и Мерецедес да падне во кома.
На 29 декември 2013 година, Шумахер падна на скијање и сериозно ја повреди главата, а до ден денес многу малку се знае за неговата здравствена состојба.
Новинарскиот тим на АРД се врати на местото на несреќата, а новинарот Јенс Гидеон сними пет епизоди од подкастот „Шумахер“ во кој ги истражува околностите на трагедијата.
Гидеон го посети местото каде што Шумахер имаше несреќа, а еден од неговите интервјуирани во подкастот беше инструктор за скијање таму.
Тој се согласил да зборува, но под псевдонимот Андре и открил досега непознати детали за несреќата.
Од претходно беше познато дека тој ден на патеката во Мерибел нема доволно снег, а Андре откри и два нови детали за кои јавноста не знаеше, а кои беа пресудни за моменталната здравствена состојба на легендарниот Германец.
„Кога падна, итните работници кои му помогнаа погрешија во проценката. Шумахер им изгледаше свесен и решија да го пренесат во мала клиника во Мутиер. Меѓутоа, во хеликоптерот состојбата на Шумахер се влоши, тој изгуби свест , а потоа лекарите решија да го пренасочат хеликоптерот во Гренобл во многу подобра клиника. Ако веднаш го префрлеа во Гренобл, ќе беше опериран многу побрзо и можеби исходот ќе беше поинаков“, изјави Андре.
Друго што беше откриено е дека популарниот Шумахер на кацигата носел GoPro камера.
„Токму оваа камера го зголеми притисокот врз главата за време на ударот“, објасни тој.
Андре напомена и дека сопругата на Шумахер Корина сакала да ја објави снимката од таа камера во јавноста, но на крајот таа се откажала од тоа.
Секако, никогаш не може со сигурност да се знае дали сега состојбата на Шумахер би била поинаква да не беа овие две новооткриени работи.