Има европски, а има и латиноамерикански затвори во Македонија, вели Пандов


 

Водачот на ВМРО од 1920-тите, Тодор Александров, доби уште еден споменик во Македонија. Овој пат во Штип. На откривањето беше директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, кој е и претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ.

По откривањето тој зборуваше за состојбата во македонските затвори. „Има голема разлика од еден до друг затвор. Има затвори кои се од латино-американски тип, во кои само исклучително ментална силна личност би можела да издржи“, рече Пандов.

„За жал браќава од 27 април, некои од нив и по две години ги држеа во притворот во Шутка. Има затвори кои, да не бидам погрешно разбран, буквално се европски затвори, коишто изгледаат супер, нормално и коишто функционираат супер, нормално. Она што јас како забелешка сум го нашол не во сите, но, во дел од раководствата во затворите се однесувале во духот на Луј 14. Тие како директори се заживувале дека се сопственици, дека се тоа приватни нивни затвори и така ги третирале затворениците“, вели Пандов.

Што се однесува за новиот продолжен прекин во издржување на казната на дел од осудените лица за 27 април, Пандов одговори дека тој како директор на Управата за извршување на санкции што може да го направи е ако осуденето лице донесе медицинска документација во којашто е прикажано дека има некое акутно заболување и треба веднаш да се лекува, тој  дава прекин од 30 дена.

„Меѓутоа не мал дел од нив, еве конкретниот пример, поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, јас какошто сум информиран има добиено сега прекин од три месеца. Меѓутоа, тоа е од судот, кога имаат документација, ако им следуваат прекини веројатно судовите ќе доделуваат и доделуваат во моментов“, изјави Пандов.