Осум јавни научни установи две години ќе работат на истражувања од национален интерес за Македонија


Осум јавни научни установи две години ќе работат на истражувања од висок стратешки и национален интерес за Македонија, со поддршка на Министерството за образование и наука од 23,7 милиони денари. Меѓу одобрените проекти се Етимолошкиот речник на македонскиот јазик, истражувањата на Охридското Eзеро, Лексиконот на македонскиот фолклор како и истражувањето на културното наследство на Албанците од Кумановскиот регион.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека потпишувањето на договорите со јавните научни установи покажува дека оваа Влада и Министерството инвестираат во забрзан развој на науката.

„Науката и истражувањата го даваат најдобриот одговор на предизвиците. Затоа, при креирањето на буџетот, одлучивме дека приоритет ни е стимулирање на домашна научна мисла, како влог во иднината на државата. Го поттикнуваме користењето на целокупниот национален потенцијал: интелектуален, технолошки и човечки за да обезбедиме напредок и
конкурентност на државата“, нагласи Јаневска.

Освен финансирање на проекти на јавни научни установи, Министерството, во рамки на Програмата за поддршка на научно – истражувачката дејност во Македонија за 2025 година, ќе финансира и пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот, во рамки на паметната специјализација на државата, со 30,4 милиони денари. Исто така, ќе се финансираат и иновативни проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и Македонската академија на науките и уметностите.

Буџетот за наука во 2025 година изнесува 680 милиони денари, што е речиси двојно зголемување во споредба со Буџетот од 2024 година.