Осуден за корупција е дел од тимот на Орце Ѓорѓиевски што ќе го правел идниот ГУП на Скопје


 

Преку таканречените рилсови кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го претставува тимот со кој, ако ги добие изборите, ќе го прави новиот генерален урбанистички план на главниот град.

Во тоа видео го споменува архитектот Огнен Марина и погрешно тврди дека бил поранешен декан на Градежниот факултет (Марина беше декан на Архитектонскиот факултет). Марина беше претседател на жири комисијата за изработка на план за уредување на Расадник во Кисела Вода. Конкурсот беше меѓународен, беа доделени награди, но од тој проект на Ѓорѓиевски не бидна ништо, како да исчезна, иако беше најавуван на големи ѕвона, а наградите за конкурсните трудови беа соопштени во ноември 2023.  Во истата комисија беше и архитектот Мишко Ралев, кој сега е советник во екипата на Ѓорѓиевски, а беше меѓу најсериозните кандидати за градоначалник на СДСМ.

Ѓорѓиевски во тоа видео рилс споменува дека во тимот му бил и Гоце („којшто кај мене е раководител во урбанизам“, вели градоначалникот). Ѓорѓиевски мисли на Гоце Станкоски, чие име е поврзано со корупција во времето кога работеше во Министерството за транспорт и за што доби затворска казна.

Во јули 2009 година Гоце Станкоски беше осуден на две и пол години затвор за примање поткуп од 9.000 евра. Во времето кога го направил криминалното дело Станкоски бил раководител во Министерството за транспорт. Тој беше уапсен во март истата година.

Според пресудата, тогашниот раководител на Одделението за сообраќај и врски бил уапсен дека од скопјанец побарал пари за сообраќајно решение за дозвола за бензинска пумпа на патот Скопје – Велес, во близина на наплатната рампа кај Петровец.

Полицијата навела дека Станкоски побарал 10.000 евра. Бизнисменот му ги дал парите, но раководителот, за да испадне фер, му вратил 1.000 евра за да се почестел. Случајот бил откриен откако бизнисменот претходно го известил министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, дека Станкоски барал пари за да издаде дозвола. Веднаш потоа била известена и полицијата. Во МВР биле преземени посебни истражни мерки – бележење банкноти, снимање телефонски разговори и озвучување на оштетениот. Полициската истрага утврдила дека Станкоски, пред да ги прими парите, неколкупати телефонски се слушнал со бизнисменот и инсистирал да се видат. Двајцата договориле средба, а парите на Станковски му биле дадени во кафеана во Ново Лисиче. Веднаш потоа следела полициска акција во која бил пронајден плик со обележани банкноти скриен под педалите за гас во автомобилот на Станкоски.

Во тимот што го претстави Ѓорѓиевски, кој би го подготвувал новиот генерален урбанистички план на Скопје, се и архитектот Аљоша Шопар и поранешниот директор на Катастар, Славчо Трпевски.