Оштетен дел од таблата на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид


Оштетен е дел од таблата на која е испишано името на ново отворениот бугарски културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Информацијата за МИА ја потврди портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

– Околу 12 часот и 45 минути во СВР Охрид пријавено е оштетување на дел од таблата поставен над просторијата во која е сместен бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“. Екипи на СВР Охрид во моментот вршат увид на местото на настанот и се работи на расветлување на случајот, изјави Димоски за МИА.

Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид беше отворен пред пет дена, а на денот на отворањето пред просториите се одржа протест организиран од политичката партија Левица, а поддржан од ВМРО – ДПМНЕ. Револтираните граѓани го изразија своето незадоволство против, според дел од нив, името на клубот.

– Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чувствува, но името е провокативно, рекоа граѓаните на протестот.

Претседателот на здружението „Цар Борис Трети“ Томе Блажевски, тогаш изјави дека Здружението било отворено пред една година запазувајќи ги сите законски процедури во државата.