Општините влегуваат во изборна кампања со доспеан, а неплатен долг, од речиси 65 милиони евра

Локални избори распишани, локалните власти на терен “работат“ со парите од унгарскиот кредит. На локалните 2025 “општинарите“ ќе настапат со вкупни доспеани, а неплатени обврски во износ од скоро 65 милиони евра. Споредбената анализа на „Порталб“ покажа дека долгот е зголемен и на квартално и на годишно ниво.
10 општини со највисок доспеан, а неплатен долг …
На новата должничка листа на Министерството за финансии, Општина Гостивар е прва од групата на општини со највисок износ на долг од скоро 11,3 милиони евра, следна е Општина Тетово со доспеани, а неплатени обврски од 9,5 милиони евра а на трето место со долг од 5,5 милиони евра е Град Скопје.
Доспеани обврски јуни 2025
Општина Гостивар 11.273.000 евра
Општина Тетово 9.509.200 евра
Град Скопје 5.576.200 евра
Општина Кавадарци 3.722.400 евра
Општина Делчево 3.153.000 евра
Општина Желино 2.906.000 евра
Општина Василево 1.790.000 евра
Општина Струмица 1.780.000 евра
Општина Струга 1.747.300 евра
Општина Карпош 1.614.000 евра
Извор: МФ
На крајот од вториот квартал Општина Кавадарци пријавила долг во износ од 3,7 милиони евра, Општина Делчево 3,1 милион евра, Општина Желино 2,9 милиони евра, Општина Василево, Општина Струмица 1,8 и Општина Струга пријавиле долгови по околу 1,7 милиони евра а десетта најзадолжена е Општина Карпош со 1,6 милиони евра. Останатите општини имаат помал долг од 1,4 милиони евра.
Доспеан долг – Општини
Јуни 2025 64 725 200
Март 2025 63 435 000
Јуни 2024 60 950 000
Извор: МФ
Вкупниот долг на општините на крајот од јуни изнесувал 64,7 милиони евра и тој е зголемен и на квартално ниво, во споредба со март годинава и на годишно, во споредба со состојбата во јуни, лани.
И локалните ЈП со милионски долгови…
Заклучно со првата половина од годинава долгот на Општинските јавни претпријатија изнесувал 107 601 000 евра и во однос на лани истиот период е забележено позначајно намалување. Сепак ЈП формирани од општините и натаму котираат високо на должничката листа, вбројувајќи се во групата на субјекти со највисоки доспеани а неплатени обврски.
Со должнички износ од 14, 5 милиони евра, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје кое е “лидер“ во групата на најзадолжени јавни претпријатија. На второ место е ЈП „Водовод“ Куманово со Ц.О.Куманово со доспеан а неплатен долг во износ од скоро 12 милиони евра а на трето место е ЈСП „Скопје“ со пријавен долг во износ од 9,9 милиони евра
Доспеан долг на ЈП на локално/градско ниво
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје 14.502.000 евра
ЈП „Водовод Куманово“, ЦО Куманово 11.962.000 евра
ЈСП „Скопје“ 9.952.000 евра
ЈКП „Тетово“ 6.834.000 евра
ЈП „Водовод“ Охрид 5.736.000 евра
ЈП „Комунална хигиена“ Скопје 5.594.200 евра
ЈП „Комуналец“ ЦО Струмица 5. 567.000 евра
ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово 4.209.000 евра
ЈП „Водовод и канализација“ 4.055.000 евра
ЈП „Комуналец“ ЦО Гостивар 3.780.000 евра
Речиси да не постои општинско јавно претпријатие кои не прикажало доспеан, а неплатен долг кој во голем број случаи се брои во милиони евра. Така , според висината на долговите на должничката листа високо котираат и ЈКП „Тетово“ со доспеани, а неплатени обврски во износ од 6,8 милиони евра, ЈП „Водовод“ Охрид со 5,7 милиони евра, ЈП „Комунална хигиена“ Скопје со должнички износ од 5,6 милиони евра, ЈП „Комуналец“ ЦО Струмица со 5,5 милиони евра, ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово со долг од 4,2 милиони евра, ЈП „Водовод и канализација“ Струга должи 4 милиони евра а ЈП „Комуналец“ ЦО Гостивар 3,7 милиони евра. Сите овие ЈП се рангирани во првите 30 најзадолжени субјекти од вкупно 900 кои се опфатени со новата должничка листа.
Општините и ЈП на локално ниво освен што имаат актуелни долгови, на врата веќе им “тропаат“ нови милионски обврски кои допрва ќе доспеат. Во предворјето на локалните избори локалните власти веќе ја започнаа “неформалната“ кампања, а не ретко при промоција на проекти, во присуство на градоначалниците се и претставници на извршната власт. Главните проекти во пресрет на локалните избори ќе се потпираат на парите од унгарскиот кредит за кои имаше огласи за аплицирање во два наврати.