Општина Центар субвенционира поправка на покриви и неисправни лифтови

Фото: Б. Грданоски

Врз основа на Програмата за измени и дополнувања на комунални дејности на Општина Центар – Скопје за 2019 година, објавува повик за субвенции за замена на покриви и поправка на лифтови.

Финансиската поддршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и постоечки лифтови на станбени згради на подрачјето на Општина Центар изнесува 30 отсто од вредноста, но не повеќе од 150.000 денари, за реконструкција на постоечки кровни конструкции и не повеќе од 300.000 денари за поправка и санација на лифтови за секоја одобрена апликација, поднесена од заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради.

За да се конкурира на јавниот повик потребно е независно тело да утврди дека лифтот е технички неисправен, а по санацијата тој треба да биде усогласене со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постоечките лифтови. Финансиската поддршка за реконструкција на кровови и кровни покривачи е насочена кон замена на постоечки азбестни салонитни покривачи со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси.

Селекцијата ќе се врши попринципот „прв дојден, прв услужен“.

Предуслов за исплата на средствата од страна на Општина Центар – Скопје ќе биде потпишан договор со избрана фирма од страна на заедницата на станари или управителот и уплатен аванс.

Право на учество на јавниот повик имаат заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради од подрачјето на Општина Центар.

Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради поднесуваат пријава на пропишан образец кој можат да го подигнат на пријавницата во барака 3,во архивата на Општина Центар – барака 6 или на интернет странатаwww.centar.gov.mk.

Пријавувањето за субвенции трае до 16 септември.