Опозицијата се сомнева дека пожарот во ЈП „Улици и патишта“ е подметнат


ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека синоќешниот пожар во бараките на јавното комунално претпријатие Улици и патишта – Скопје е намерно подметнат.

„Утринава се случи четврт пожар во државна институција. Пожарот во ЈП Улици и Патишта доаѓа по низата пожари во државни инстутуции, како СЕП, Инспекторатот за Животна средина, Министерството за правда. Во сите четири институции запалени меѓудругото се и документи од институциите. СДСМ пироманска да одговори дали ваквите пожари не се дел од смислено сценарио за уништување на документација, за можен криминал во работењето на овие институции“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваков сомнеж изкажа и независната советничка во Град Скопје Драгана Велковска, која на Фејсбук напиша:

„Истите финти со децении – изгоре цела документација“ пошто се сменила власта. Ваквите постапки покажуваат дека сите сте исти! Исто крадете додека сте на власт, исто очајнички се обидувате да си ги покриете криминалите кога ќе паднете. Па уште Шилегов бил во игра за Министерство за транспорт…“

„Се уште се утврдуваат причините за пожарот и настатата штета, но речиси е сигурно дека целосната документација за работењето на претпријатието е изгорена во пожарот. Не можеме а да не се посомневаме во намера, затоа што пожарот во ЈП „Улици и патишта“ Скопје се случува само неколку недели откако Советот на Град Скопје не ги усвои извешаите за финансиското работење на јавните претпријатија на Градот Скопје, меѓу кои и на ЈП „Улици и патишта“, и откако советниците на Левица поднесоа барање за ревизија во неколку од јавните претпријатија под ингеренции на градот, соопштија исто така од Левица.

„Дали се работи за криење на докази за криминални дејства или се работи за расчистување на теренот за никнување на нова зграда на оваа атрактивна локација, или пак се работи за несреќен случај, одговри ќе треба да дадат МВР и Јавното обвинитество.Апелираме надлежните институции стручно, совесно и брзо да ја спроведат истрагата и да преземат соодветни мерки за расчистување на случајот и за утврдување на вината за настанатиот пожар“, соопшти Левица.

Од СДСМ возвратија на ист начин, со прашање зошто вакви работи се случуваат откако е градоначалник Данела Арсовска.
 
„ВМРО-ДПМНЕ пироманска да ја праша градоначалничката на Скопје и нејзиниот директор на ЈП Улици и патишта зошто се запали објектот на оваа институција. Исто така Арсовска треба да одговори зошто го поништи јавниот оглас за вработување на 20 нови пожарникари во скопската противпожарна бригада.Хировите и каприците на Арсовска ја загрозуваат безбедноста на градот Скопје и граѓаните. Неспособноста на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се потврдува на дело.
По само 50 дена градска власт на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје е во хаос, се раскинуваат договори за готови проекти, горат објекти на јавни институции“, порачаа од СДСМ.