Не ви се случи Хирошима, туку инцидент!


Минатиот петок не ви се случи Хирошима туку придружен инцидент кој предизвика сериозни последици овде. Но тоа не значи крај за вашиот европски пат. Европската перспектива постои и таа ќе биде прецизирана следните месеци – порача вчера францускиот амбасадор Кристијан Тимоние обидувајќи се да ја одбрани одлуката на претседателот Емануел Макрон да ја блокира Македонија во ЕУ на подолг рок – ако не и засекогаш. Иако Тимоние тврдеше дека европската перспектива за земјата не е затворена, тој наведе толку многу причини да не ни се дадат преговори и толку општи барања за реформи, што тешко беше да се разбере што стои зад оваа политика на Франција, а уште помалку што ќе следува понатаму. Во стилот „нападот е најдобра одбрана“, Тимоние ја обвини власта дека ширела нереални очекувања, дека направила политички маркетинг од Преспанскиот договор, а тој не бил единствениот услов за да се добијат преговори, бидејќи фалеле реформи на терен. Потоа изјавуваше дека Франција веќе работела на новата политика кон регионот, за малку подоцна да признае дека не ни знае што ќе содржи таа ниту, пак, може да каже што ќе се најде на маса на самитот за Западен Балкан во Загреб. Тврдеше дека Франција ја поддржува европската перспектива на регионот, но Македонија не може да биде оценувана само според сопствените постигнувања, туку треба да се земат предвид и состојбите во другите земји околу, што звучеше дека нашата држава сега треба да ги чека БиХ и Косово, кои се далеку од евроинтеграцијата, за да почне преговори со Унијата, иако е далеку пред нив. Запрашан дали со ваквата политика Франција ја турка Македонија, како земја пример кон нестабилност, ставајќи ја во пакет со другите држави што имаат и политички превирања и нерешени спорови, Тимоние го пофали Преспанскиот договор како храбар чекор, но забележа дека не сите во земјава мислеле дека сме земја модел и дека таа оценка е избрзана.

„Добро е да си мислите дека сте држава која служи за пример. Тоа го одржува моралот. Навистина беа направени храбри чекори и тоа беше признаено и од претседателот Макрон. Но не сум сигурен дека во регионот може да има држава пример. Тоа е избрзана терминологија“, рече Тимоние.

Притоа, единствено што се разбра од неговата прес-конференција е дека Макрон сигурно нема да го блокира приемот на нашата држава во НАТО и дека ратификацијата ќе си оди според планираното, т.е. ќе помине на 21 ноември во Националното собрание. Посетата, пак, на францускиот претседател, сега откако се распишаа избори во земјата, тој ја оцени како неизвесна.

„Претседателот навести дека би сакал да дојде во наредните месеци во двете земји, но во моментот немам дополнителни информации. Би сакал само да додадам дека тоа беше пред најавата за избори, а сега навлегуваме во посебен изборен период и немам дополнителни информации“, изјави Тимоние.

Поконкретно, околу недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, Тимоние кажа дека одговорност треба да преземат и тие што ветувале дека ќе има датум.

– Јавноста така беше подготвена, а тоа беше дополнителен притисок врз останатите земји членки за позитивно да се произнесат. Мистериозно во текот на целото лето се подигнаа очекувањата дека одлуката ќе биде компензација за Преспанскиот договор и се сменија приоритетите“, рече францускиот амбасадор додавајќи дека така се наметнал впечаток дека договорот од Преспа е единствен услов за почеток на преговорите, без да се разговара за реформите.

„Требаше да се разговара за реформите, а потоа се случи чудна промена, дека поради Преспанскиот договор требаше да се даде позитивна оценка, а тоа не беше само од власта туку и од земји членки. Од фундаменталните аспекти, се најдовме со прашања од геополитичка или геостратегиска точка. Тоа не беше француската перспектива. Мислам дека перспективата, која отсекогаш била јасна на француската страна и беше пренесена на грчките и македонските соговорници, беше загубена по пат“, рече Тимоние. Затоа, според него, погрешно е блокадата на францускиот претседател, Емануел Макрон, на самитот во Брисел да се толкува како француско вето.

– Работите не се одвиваа така во Брисел, имаше сложена дискусија, постоеја различни дискусии за Албанија и Северна Македонија, дали да се поврзат или не, жестоки разговори кои завршија со француско германски предлог, кој за жал не беше усвоен. Се отвори прашањето за нашето сопствено функционирање, што значи проширувањето на ЕУ, како ќе се направи и зошто. За да не се најдеме во ситуација да го правиме она што и секогаш сме го правеле, да не додаваме дополнителни нозе на стоногалката на која веќе ѝ е тешко да се движи – рече Тимоние.

Во контекст на реформите го спомена неусвоениот закон за јавно обвинителство.

– Нерешавањето на статусот на СЈО сè уште предизвикува отворени прашања. Отсуството на генерален договор за правна рамка за борба против корупцијата остава простор за прашањето за капацитетот на политичките партии да спроведат ефикасна борба на оваа тема – објасни Тимоние. Порача дека без консензус на власта и опозицијата за законот за ЈО, не може да се направи дополнителен исчекор.

Зборувајќи за новата методологија, тој рече дека има некои идеи за пристап на земјите кандидати до одредени фондови, но сè уште нема конкретно решение.

Македонија сега ќе го чека регионот

„Секоја држава одделно треба да се оценува, но не можеме да го избегнеме глобално прашањето за регионот. Треба да се најде вистинска рамнотежа на таа динамика. Македонија не е сама, храбро решава одредени проблеми, но дури и да успее сама да ги реши, нема да се спаси самата“, вели Тимоние.

„Очигледно е дека не може да не се земе во предвид тенденцијата која постои во таа земја (Албанија, н.з.) и ризиците во регионот за распределба на идеолошки карти под агол кој претставува своевидна опасност. Не може да ги гледаме изолирани случаите, туку постои поврзаност меѓу кандидатите“, рече Тимоние објаснувајќи дека во регионот сè уште постојат премногу отворени прашања, а во тој контекст и додаде дека вчера положил цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје, алудирајќи на спорот на Скопје и Софија по тоа прашање.

За Тимоние Макрон е како Черчил

Бранејќи ја позицијата на францускиот претседател, Тимоние во еден момент се послужи со Винстон Черчил, големиот британски премиер.

„Еден ден на Черчил му рекле дека прави историска грешка, но тој одговорил – не правиме грешка, ние ја пишуваме историјата. Во контекст на тоа, ние сме тие што ја пишуваат историјата и таа е во тек, а минатиот петок не се случи европска Хирошима туку попатен инцидент кој предизвика сериозни последици тука, кои ги разбираме, но тоа воопшто не значи крај на вашиот европски пат. Оваа одлука на Франција од минатиот петок не значи крај на вашата европска перспектива. Правно-политичкиот пат продолжува, а Франција има јасна визија за тоа како ќе течат натамошните европски интеграции. Во таа визија Македонија го има своето место“, рече Тимоние.

Тимоние: Изјавите за поништување на Преспанскиот договор се хипотетички на кој што се разговара за оваа

Францускиот амбасадор смета дека изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, дека разгледуваат начини да го вратат старото уставно име не е пристап на поранешен министер за надворешни работи бидејќи и македонската и грчката опозиција дале гаранции дека договорите и со Бугарија и со Грција ќе се почитуваат.

„Мислам дека еден поранешен министер не може да излезе од оваа линија освен кога станува збор за изборен контекст во рамки на кампања во која јас нема да навлегувам“, рече Тимоние. Тој не разбрал дека тоа е официјална позиција на неговата партија и се запраша која е корисноста на тие изјави во однос на стабилизација на регионот.

Според него, начинот на кој се разговара за оваа тема е многу хипотетички.

Во интервју за германскиот весник ФАЦ, Милошоски, кој е поранешен министер за надворешни работи, кажа дека е комплицирано, но постојат начини да се врати старото уставно име.

„Постојат начини да ѝ го вратиме на државата нашето старо уставно име ’Македонија‘. Сепак, сите тие се многу комплицирани. Една можност би била нашиот Уставен суд да го прогласи договорот за ништовен и неважечки. Ова може да се направи врз основа на минатогодишниот референдум, на кој немаше мнозинство за укинување на старото име“, вели Милошоски. Како втора опција, Милошоски ги споменува пратениците кои, како што вели тој, под закана и притисок, против својата волја гласале за преименувањето.(С.Ј.)