ОН: Силен Ел Нињо би можел да ја влоши глобалната глад


Женева – Временскиот феномен Ел Нињо би можел до крајот на следната година да изложи речиси уште 49 милиони луѓе на акутна несигурност во снабдувањето со храна, предупреди денеска Светската програма за храна (ВФП), наведувајќи дека бројот на загрозени лица би можел да достигне 274 милиони во 45 земји.

Според извештајот на агенцијата на Обединетите нации, постои веројатност од 81 отсто дека Ел Нињо ќе биде многу силен, со температури на површината на морето на највисоко ниво. Доколку таквите прогнози се остварат, ова би можел да биде најсилниот Ел Нињо од 1950 година.

Ел Нињо претставува периодично затоплување на површината на Тихиот Океан кое ги менува временските обрасци ширум светот и често предизвикува суши во јужна Африка, доцнење на монсуните во делови од Азија и нередовни врнежи во други региони.

Директорот на Службата за безбедност на храна и анализа на исхраната при ВФП, Жан-Мартин Бауер, предупреди дека слични настани во минатото доведувале до големи кризи со храна.

Анализата на WFP покажува дека бројот на луѓе кои се соочуваат со акутен недостиг на храна би можел да порасне за 22 отсто, односно за речиси 49 милиони во однос на сегашното ниво, со што вкупниот број на загрозени би достигнал 274 милиони.

Најтешки последици се очекуваат во Централна Америка и во јужна Африка. Во Централна Америка бројот на луѓе погодени од недостиг на храна би можел да порасне за 83 отсто, додека во јужна Африка се очекува раст од речиси 75 отсто. Само во јужна Африка, Јужна Америка и на Карибите повеќе од 12 милиони луѓе би можеле дополнително да се соочат со акутна несигурност во снабдувањето со храна.

Иако глобалните пазари на храна влегоа во периодот на Ел Нињо по добрите приноси од 2025 година во релативно стабилна позиција, Бауер предупредува дека конфликтите на Блискиот Исток и евентуалните загуби на земјоделските посеви предизвикани од временските непогоди би можеле да доведат до раст на цените на храната. Според него, иако претходните настани на Ел Нињо не предизвикувале големи глобални скокови на цените, регионалните недостатоци и поскапувања би можеле дополнително да го отежнат пристапот до храна за најранливите домаќинства.

WFP предупреди и дека намалените издвојувања од американските и европските донатори го отежнале следењето на ситуацијата. Бројот на анкети во домаќинствата кои служат за проценка на безбедноста на храната е намален од околу 1,1 милион во 2024 година на околу 800.000 минатата година, додека оваа година собирањето податоци е дополнително ограничено поради недоволно финансирање.

Прогнозите укажуваат на можен дефицит на врнежи во делови од источна Африка, регионот Сахел, Централна Америка и Карибите, додека во Сомалија и околните подрачја се зголемува ризикот од поплави. Сериозни нарушувања се очекуваат и во јужна и југоисточна Азија, каде што сушите, нестабилните монсуни и локалните поплави би можеле значително да ја загрозат земјоделското производство.

Светската програма за храна ги повика владите и хуманитарните организации да преземат превентивни мерки за да се ублажат последиците од очекуваните екстремни временски услови. Организацијата соопшти дека оваа година ги проширила програмите за превентивна помош во 18 земји, опфаќајќи повеќе од 1,3 милиони луѓе со парична и друг вид поддршка.