Мексиканскиот инфлуенсер Сезар Гастелум убиен за време на пренос во живо
Мексиканскиот инфлуенсер на социјалните мрежи Сезар Гастелум беше застрелан и убиен додека во живо пренесувал настан на кој бил со пријатели пред ресторан за брза храна во градот Кулијакан, на северот од земјата, објавија денеска локалните власти.
Гастелум, кој имал речиси 600.000 следбеници на ТикТок и бил познат по своите комични видеа, го емитувал своето обраќање во живо пред ресторан за брза храна во мексиканската држава Синалоа, кога му се приближиле две лица на мотоцикл со кациги, чиј возач го застрелал инфлуенсерот директно во главата, објавија британските медиуми.
Убиството на инфлуенсерот се случи во екот на постојан пораст на насилството во Кулијакан, главниот град на Синалоа, кој е во центарот на конфликт меѓу сопернички фракции на организиран криминал кои се борат за контрола на областа.
Пукањето, исто така, потсети на убиството во мај 2025 година на мексиканската инфлуенсерка Валерија Маркез (23), која беше убиена за време на пренос во живо на ТикТок во салонот каде што работеше во Запопан, во западната држава Халиско.
Маркез беше убиена откако маж влезе во салонот и отвори оган, а нејзиното убиство последователно беше испитано како фемицид.
Тоа се промени кога мексиканските власти објавија во јули дека Рамон Анхел Алварез Ајала, познат како „Ел Р-1“, е уапсен во Халиско, идентификуван од министерот за безбедност Омар Гарсија Харфух како водач на криминална ќелија поврзана со картелот „Нова генерација на Халиско“ (CJNG) и поврзан со убиството на Валерија Маркез.
Алварез Ајала е исто така обвинет за нарачување и финансирање на убиството на градоначалникот на Уруапан, Карлос Манза, во ноември 2025 година.