ОН: На осум милиони луѓе во Јужен Судан им се заканува глад
Според документот, никогаш не бил поголем бројот луѓе изложени на ризик од недостиг на храна, надминувајќи го дури и нивото забележано за време на конфликтите во 2013 и 2016 година.
На 7,76 милиони луѓе им се заканува акутна несигурност во обезбедувањето храна во периодот до новата жетва, од април до јули 2023 година, а 1,4 милиони деца ќе бидат неухранети, се посочува во извештајот.
Причини за таквата состојба се конфликтите, лошите макроекономски услови, екстремните временски неприлики, наглото поскапување на храната и горивото и падот на финансирањето на хуманитарните програми, велат авторите.
„Јужен Судан е на првата линија на климатската криза, со семејства кои секојдневно ги губат своите домови, добитокот, земјиштето и надежта поради екстремните временски услови“,изјави Макена Вокер, привремен директор на WFP за Јужен Судан.
„Успееме ли да воспоставиме мир во земјата, особено во областите каде што моментално има тензии, (…) сме изминале половина од патот кон решавањето на проблемот со безбедноста на храната, така што консолидацијата на мирот е наша главна задача“, рече министерката за земјоделство и безбедност на храна на Јужен Судан, Жозефин Лагу, на денешната презентација на извештајот.
Во 2017 година глад беше прогласена во Јужен Судан во областите Лееру и Мајендито во државата Унити, што често беа место на конфликти.
Петгодишната граѓанска војна што заврши во 2018 година однесе речиси 400 илјади животи.