ОМД со донација за кавадаречката болница


 

Во болницата во Кавадарци се донирани опрема, апаратура и медицински материјали од големо значење за регионот, донација од Обединета македонска дијаспора, истакна денеска заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, кој беше во работна посета на болницата.

Донацијата, која е во вредност од околу 450 илјади долари и ќе се користи во сите медицински одделенија во болницата, како што истакна Андовски, уште повеќе ќе ги подобри здравствените услуги кон пациентите. 

-Ние како министерство, покрај тоа што  сме фокусирани на вложувања во инфраструктура и опрема, во првата група од триста приватни специјализанти во кавадаречката општа болница со проширена дејност, вработивме четири приватни специјализанти. Во втората група, доколку има интерес, повторно се можни вработувања во оваа болница. Доделени се и шест нови државни специјализации тука, во тек е вработување и на 20 медицински лица и технички персонал, нагласи тој.

Андовски изрази благодарност до сите вклучени во донацијата и задоволство од посетата во Кавадарци. Тој се сретна со здравствени работници и сонародници иселеници во Соединетите Американски држави. 

– Од името на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кавадарци, упатуваме најискрена благодарност до Обединетата македонска дијаспора од Америка за несебичната и исклучително значајна донација во медицински материјали и опрема наменета за згрижување на болни, социјално загрозени и немоќни лица. Вкупната вредност на донацијата изнесува 447.600 американски долари, а нејзиниот придонес ќе биде директно насочен кон подобрување на условите за работа во нашата здравствена установа и зголемување на квалитетот на здравствените услуги за најранливите категории граѓани, рече директорката на болницата, Гордана Ѓорчева Камчева, која исто така изрази задоволство од донацијата. 

Притоа, таа истакна дека оваа поддршка претставува повеќе од финансиска помош – таа е гест на хуманост, солидарност и длабока посветеност на подобрување на здравствената заштита во нашата земја. Донацијата ќе овозможи унапредување на грижата за пациентите, модернизација на дел од капацитетите и олеснување на секојдневното работење на медицинскиот персонал. 

– Посебна благодарност упатувам до министерот и заменик министерот за здравство, кој со своето присуство и поддршка ја потврди важноста на оваа донација за македонскиот здравствен систем. Исто така, огромна благодарност до градоначалникот на Општина Кавадарци и членовите на Советот, за континуираната поддршка, разбирање и доверба што ја имаат кон нашата установа. Хуманоста и пожртвуваноста на македонската дијаспора се силен поттик за сите нас. Таа ни покажува дека, иако на илјадници километри далеку, нашите сограѓани не го забораваат народот и местото од каде потекнуваат. Оваа донација е пример за вистинска заедничка грижа, која остава траен белег и директно ја подобрува здравствената реалност во нашата општина, нагласи директорката на болницата, посочувајќи дека ова за нив ќе значи и на намалување на финансиските трошоци во работењето. 

Донацијата е направена во соработка со ОМД и Александар Бежановски (кој е со потекло од Македонија), како амбасадор за Македонија при организацијата World Medical Relief.

Гордан Јорданов од Обединета македонска дијаспора, директор за Македонија и европскиот регион, се заблагодари на сите иселеници од дијаспората, а најмногу на тие што потекнуваат од Кавадарци. Тој информираше дека донираат по четврти пат, претходно во други општини. Притоа изрази надеж дека донирањето ќе стане традиција. 

Мишко Јосифов, роден во оваа болница, кој живее во Мајами 18 години, член на ОМД, за себе рече дека е многу активен во сите активности. Потенцира дека инсистирал да се направи нешто за родниот крај. 

– Јас бев првиот донор и им се јавив на други да се приклучат на акцијата, додаде Јосифов.