ОКТА активности за превенција од пожари: едукативна кампања и донација на дрон за рано откривање на пожари на ЈП Национални шуми

Во пресрет на летната сезона, кога ризикот од пожари значително се зголемува, компанијата ОКТА започнува активна соработка со Јавното претпријатие Национални шуми за превенција од пожари на отворено. Во рамки на оваа соработка, ОКТА донира дрон со специјализирана технологија за рана детекција на пожари, кој ќе им биде ставен на располагање на теренските екипи на ЈП Национални шуми. Дронот ќе ја зголеми ефикасноста во мониторирањето на шумите и ќе овозможи брза реакција на надлежните институции во критичните региони. Оваа донација претставува реален придонес за поголема ефикасност во заштитата на шумските ресурси и безбедноста на теренските екипи.
Паралелно, ОКТА, во партнерство со ЈП Национални шуми, иницира превентивни едукативни активности под слоганот „Пази што правиш! За пожар малку треба!“, кои имаат за цел да ја подигнат јавната свест кај граѓаните за опасностите од невнимателно однесување – одложување отпад на отворено, палење огнови, палење стрништа и непочитување на прописите за безбедно однесување во природа.
„ОКТА е компанија која својата општествена одговорност ја практикува преку реални и одржливи активности. Со оваа донација и со кампањата, заедно со ЈП Национални шуми, вложуваме во заштитата и безбедноста на природните ресурси во земјата. Цврсто сме уверени дека преку стратешки партнерства со институциите и активно вклучување во едукацијата за превенција, можеме да постигнеме значајни резултати и да ги намалиме катастрофалните последици по природата и заедницата. Сакаме заедно да испратиме јасна порака дека: Заштитата на шумите е заедничка одговорност, а превенцијата – најмоќното средство против катастрофи“, изјави главниот извршен директор на ОКТА Димитриос Пасхос.
ЈП Национални шуми, заедно со локалните противпожарни единици, Републичкиот центар за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, се во првата линија за справување со пожарите на отворено во државата.
„Соработката со ОКТА претставува важен чекор напред во нашите напори за заштита на шумите и природата од пожари. Новата опрема, особено дронот со напредна технологија, значително ќе ни помогне во раното откривање на пожари и ќе ја зголеми ефикасноста на нашите теренски тимови. Превенцијата е од суштинско значење – затоа, паралелно со технолошкото унапредување, активно се вклучуваме и во едукативната кампања за подигнување на јавната свест. Шумите се заедничко национално богатство и нивната заштита бара заедничка акција и одговорност од сите“, потенцира проф. д-р Здравко Трајанов, в.д. директор на ЈП Национални шуми.
Минатата година ОКТА обезбеди специјализирана опрема за гаснење на пожари на непристапни терени, која ѝ беше донирана на територијалната противпожарна единица од Свети Николе, чија околина минатото лето ја зафатија големи пожари. Истата година ОКТА го отвори и првиот тренинг-центар за противпожарна заштита од нафтени деривати во земјата, наменет за обука и изведување на вежби за гасење пожари во безбедни и строго контролирани услови.