Оксфорд: Пристигнува вакцина за јужноафриканскиот сој

Нова вакцина која може успешно да се избори со јужноафриканскиот сој на ковид, може да се појави на пазарот до есен, рече денеска водачот на тимот кој ја направи вакцината од универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“, Сара Гилберт.
Професорката Гилберт за Би-би-си изјави дека на вакцината не ѝ треба многу време да се адаптира на промените, а истражувачите веќе работат на новата верзија на вакцината за да направат посилен имун одговор на мутираниот тип од Јужна Африка.
Оваа информација следува по студијата, сè уште непотполна, во која се наведува дека вакцината на „АстраЗенека“ и Оксфорд пружа послаба заштита од јужноафриканскиот сој, но дека и понатаму штити лицата да не добијат тежок облик на болеста.
Индепендент додава дека министерот за здравство на Велика Британија Мет Хенкок, апелирал компаниите со повеќе од 50 вработени, кои мора да доаѓаат на работа, да се пријават за брзи антиген тестови.
Владата се надева дека „ќе се нормализираат тестирањата на работните места, како во јавниот, така и во приватниот сектор“, за да се регистрираат асимптоматските случаи.