Околу 150 светски медиуми денеска почнаа кампања за осуда на убивањето новинари во Газа


На покана од Репортери без граници – РСФ (RSF) и Авааз, глобална невладина организација под покровителство на Фондацијата Џорџ Сорос, околу 150 медиуми од околу 50 земји денеска учествуваат во кампањата за осуда на бројот на убиени новинари во Појасот Газа.

„Со оглед на темпото со кое израелската армија убива новинари во Газа, наскоро нема да има никој да ви известува“, е пораката на насловните страници со црна позадина на францускиот весник L’Humanite, португалскиот Publico и белгискиот весник La Libre.

Интернет медиумот Mediapart и веб-страницата на списанието La Croix објавија статија за дејствувањето на медиумските куќи.

Според RFS, повеќе од 210 новинари се убиени од почетокот на израелската воена операција во Газа како одговор на нападот на исламистичкото движење Хамас на 7 октомври 2023 година.

Денешната акција, во која учествуваат и либанскиот дневен весник „Л’Ориент ду жур“, американскиот „Интерсепт“, кој се опишува себеси како непрофитна прогресивна новинска организација, и германскиот „Ди Тагесцајтунг“, следеше по израелските воздушни напади од минатата недела во кои беа убиени пет новинари во болница во Хан Јунис на југот од енклавата.

„Осудувајќи ги злосторствата на израелската војска  врз палестинските новинари без никаква казна, овие организации и редакции бараат нивна итна заштита и евакуација и бараат непречен пристап на меѓународните медиуми до палестинската енклава“, се наведува во соопштението на Репортери без граници.

Здружението за права на медиумите вели дека поднело четири тужби до Меѓународниот кривичен суд (МКС) за воени злосторства извршени од израелската војска врз новинари во Појасот Газа во текот на изминатите 22 месеци.

Од почетокот на војната, на меѓународните медиуми не им е дозволено слободно да работат на палестинската територија.

Само неколку избрани медиуми влегоа во областа со израелската армија, а нивните извештаи, тврди РСФ, биле предмет на строга воена цензура.

Во нападот врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, Хамас уби 1.219 луѓе, претежно цивили, и киднапираше 251 лице, од кои 47 се уште се затворени во Газа. Француските медиуми наведуваат дека се верува дека 20 од преостанатите 47 се живи.

Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, наведува дека најмалку 63.459 луѓе биле убиени во израелската офанзива што следеше, и дека мнозинството се цивили. ОН ја смета оваа бројка за веродостојна.