ОЈО и Антикорупциска во јојо-ефект


Експретседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски, против кого е поднесено обвинение за давањето насоки кој предмет кај кој судија да се додели, куртули од кривично гонење за пропусти при вработувањето на својот внук на позицијата помлад судски соработник. Иницијативата поднесена од Антикорупциска, како што информираа од Основното јавно обвинителство, е отфрлена со образложение дека делото е застарено.

Постапката за вработување на 30 судски службеници, велат од ОЈО, целосно е завршена во мај 2015 година, а кривично гонење не може да се преземе ако поминат три години од извршувањето на кривичното дело за кое, според законот, може да се изрече затворска казна над една година. Според тоа, застареноста настапила во мај 2018 година, додека иницијативата за кривично гонење Антикорупциска е поднесена со една година задоцнување – во јуни годинава.

Од Антикорупциска вчера рекоа дека ќе излезат со став околу отфрлањето на кривичната пријава откако службите ќе ги проверат датумите. Велат дека ќе го почекаат и официјалниот одговор за случајот за кој оценија дека ги надминува границите на класичен непотизам.

Дел од членовите на Антикорупциска со кои разговаравме коментираат дека случајот е чист како солза бидејќи фактите говорат дека на огласот за помлад судски соработник во Кривичниот суд биле пријавени 155 кандидати, а работното место го добил токму внукот на Панчевски, Јордан Тасевски, иако не бил пријавен како кандидат, односно бил уфрлен на листата. За нив неразбирливо е зошто цели два месеца му биле потребни на Основното јавно обвинителство да утврди застареност.

Покрај за Панчевски, Антикорупциска речиси истовремено поднесе иницијатива за кривично гонење и за градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, исто така за прекршување на процедурите при вработување на внукот. Предметот, според информациите, е испратен во Основното јавно обвинителство во Прилеп.

Последните неколку иницијативи за кривични пријави, пак, се во фаза на подготовка. Во таа група се директорката на Стоматолошки клиники Амела Цана, потоа ректорот на Универзитетот „Кирил и Методиј“ Никола Јануловски и директорот на дигестивна хирургија Зоран Караџов. Сè уште се пишува и иницијативата за кривичната за градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, за „правење на Тошо“ во случајот со дивоградбите на Матка.

„Иницијативата за кривично гонење за градоначалникот Беџети е во завршната фаза на подготовка. Пишувањето иницијативи воопшто не е едноставна работа, а тоа кај нас го прави само еден човек. Затоа постојано апелираме дека ни е неопходно засилување и од аспект на човечки ресурси, но и во контекст на просторот во кој работиме“, ни изјави Ивановска.

Градоначалникот Беџети е еклатантен пример за односот на носителите на јавните функции кон Антикорупциската комисија кои дејствуваат според добро утврдениот принцип – „ние сме за силна Антикорупциска, само мене да не ме чепка“. Уште не спласна ехото од седницата на која беше соопштено дека тој морал да ги одбие барањата за легализација на дивоградбите, најпознатиот „сарајлија“ ја обвини Антикорупциска дека е корумпирана група која му се одмаздува, бидејќи, наводно, го одбил премиерот Зоран Заев да влијае на одредени членови на Судскиот совет за смена на претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Претходно претседателот на Советот на јавните обвинители Коле Штерјев им испрати порака на антикорупционерите дека не ги ферма и дека нема намера да ја плати казната од 500 евра за судирот на интереси што му го утврдија при изборот на неговата внука за обвинителка во Обвинителството за организиран криминал. И поранешниот претседател Ѓорге Иванов, за кого во април годинава беше поведена прекршочна постапка за армиските унапредувања, не ја платил казната.

„Претседателот Иванов не плати, така што постапката натаму продолжува на суд, исто како и во случајот со претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев. Постоењето всушност на прекршочната комисија е да скрати еден чекор за да не мораат сите странки да се обраќаат до судот и таму да ги расчистуваат овие обврски, и затоа постои нашава комисија. Претседателот не се обрати до нашата комисија, не ја намири обврската со платен налог, тоа значи и 50 отсто од износот, така што сега следниот чекор е на суд“, вели Ивановска.

Во почетниот период на работата на Антикорупциска јавноста беше сведок како еден куп функционери на ѓон ги дочекуваа обвинувањата за непотизам, па потоа под притисок на јавноста мораа да ретерираат, а вработените роднини да се повлечат од функциите. Други, пак, одбиваа да напуштат една од многуте фотелји кои љубоморно ги чуваат, како да речеме, претседателот на совет на Општина Гевгелија, Тошо Дојчинов, за кого беше востановено дека е и член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос.

Експертската јавност не е изненадена од обидот за манипулација на моќниците и нивниот однос кон „лепрозната Антикорупциска“.

„Наместо да бидат пример како треба да се однесуваат носителите на јавни функции, тие испраќаат лоша порака во јавноста и покажуваат дефицит на професионалност и интегритет. Но нивното самоволие и егзистирање во филмот на неказнивоста не изненадува. Она што е важно во моментов е Антикорупциската комисија да добие силна поддршка од останатите надлежни органи во неселективната борба против корупцијата – Јавното обвинителство, МВР, Финансиската полиција. Само на тој начин може да се добие тешката битка“, вели ексантикорупционерката Вања Михајлова. (Н.К.)