Одложувањето на акционерските собранија влијае врз цената на акциите, смета Берзата


Правната промена во делот на одржување на годишните собранија на акционери за време на вонредната состојба, со сите импликации што од тоа ќе произлезат за работењето на акционерските друштва, секако ќе има големо влијание на тргувањето со хартии од вредност на берзата, соопшти денес Македонската берза.

„Пред се, во најавените и очекувани тајминзи инвеститорите нема да ја добијат дивидендата, што е еден од основните мотиви за вложување во хартии од вредност. Сметаме дека ова ќе има одраз на вреднувањето на хартиите од вредност на компаниите што се тргуваат на берзата, а последователно и на пазарната динамика и осцилаторност. Сето ова се надоврзува на другите новонастанати околности за домашниот пазар на хартии од вредност поради влијанијата на вирусот Ковид-19“, смета Берзата.

Претходно, на предлог на Министерството за економија Владата донесе Уредба со која се интервенираше во Законот за трговски друштва и овозможи пролонгирање на роковите за свикување и одржување годишно собрание на акционери, како и собир на содружници, од страна на трговските друштва, за време на траењето на вонредната состојба. Пролонгирањето на роковите се однесува и на започнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери, односно собирот на содружници.

Со оглед што многу компании веќе ги имаа свикано акционерските собранија и на инвеститорите им понудија информации во врска со финансиските резултати и со распределба на добивката, сега учесниците на пазарот на капитал се најдоа во целосно нова ситуација. Тоа се одразува и на тргувањето на берзата, каде што берзанскиот индекс е повторно во негатива.

Од Берзата нагласуваат дека согласно законските овластувања и добиената лиценца за работа, и понатаму ќе продолжат да обезбедуваат собирање на понуди за купување и продавање на хартиите од вредност и пазарно формирање на цените на истите, односно ќе овозможува континуирано тргување со хартиите од вредност на македонскиот пазар и во овие услови, се додека објективните околности го дозволуваат тоа и додека нема соодветни одлуки на надлежните институции.