Фолксваген, Стелантис и Рено бараат 70 отсто од вредноста на автомобилите да се произведува во ЕУ


Најголемите европски производители на автомобили Фолксваген, Стелантис и Рено ја повикаа Европската Унија да воведе едноставно правило „Произведено во Европа“, така што возилата што се продаваат на европскиот пазар мора да генерираат најмалку 70 проценти од нивната вредност во рамките на блокот.

Во заедничко писмо до европратениците, компаниите, кои заедно сочинуваат околу 60 проценти од европското производство на автомобили, рекоа дека таквата мерка е неопходна за да се зголеми конкурентноста на европската индустрија и да се намали нејзината зависност од увоз, особено во време на зголемена конкуренција од кинеските производители на електрични возила, објави Ројтерс.

Предложениот модел би барал најмалку 70 проценти од вредноста на автомобилот да доаѓа од Европската Унија, вклучувајќи го целиот синџир од развој и инженерство до производство и склопување на возила.

Автомобилските компании предупредија дека европската индустрија се соочува со растечки притисоци од високи оперативни трошоци, строга регулатива и технолошка конкуренција од други делови од светот.

Затоа тие побараа поедноставување на регулативите, дополнителна поддршка за производство на батерии и мерки што би овозможиле развој на прифатливи електрични автомобили произведени во Европа.

Европската комисија веќе ја разгледува рамката „Произведено во Европа“ како дел од Законот за индустриски акцелератор, кој има за цел да го зајакне домашното производство во стратешките сектори и да ги поттикне инвестициите во зелени технологии.

Предлогот доаѓа во време кога европските производители се обидуваат да одговорат на сè поизразеното присуство на кинеските автомобилски компании на пазарот на Европската Унија и забрзаната трансформација на секторот кон електрични возила.