Одбележување на Европскиот ден на правдата


Дваесет и петти октомври е Европски ден на правдата, кој секоја година се одбележува во сите држави во Европа. Целта за негово одбележување е во сите европски држави правдата да се доближи до граѓаните и тие да бидат запознаени со нејзиното спроведување.

Како и секоја година, нашата држава и оваа година се вклучува во одбележување на Европскиот ден на правдата. По тој повод се организираат отворени денови во судовите, средби на адвокатите, судиите, медијаторите, нотарите со граѓаните, давање информации и совети на граѓаните, симулации на судење, организирање локални конференции и слично.

Адвокатската комора на Република Северна Македонија денеска во Апелацискиот суд Скопје од 10:00 до 14:00 часот организира отворен ден, при што граѓаните на средби со адвокати ќе можат да се информираат за своите основни права во повеќе области.

– Европскиот ден на правдата, 25 октомври, секоја година се одбележува во сите држави во Европа. Целта за негово одбележување е во сите европски држави правдата да се доближи до граѓаните и тие да бидат запознаени со нејзиното спроведување. Интенцијата за одбележувањето на Европскиот ден на правдата е на граѓаните во Европа да им се овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области, како семејно право, право на сопственост, наследување, договорно право, авторско право и слично, се наведува во соопштението од Адвокатската комора.

По повод одбележувањето на Европскиот ден на правдата, Нотарската комора денеска организира отворен ден во нотарските канцеларии. Граѓаните одблизу ќе можат да се запознаат со работата и со надлежностите на нотарската професија, како и со одговорноста што ја носи таа, потоа со постапките во кои би можеле да се најдат граѓаните пред нотарите, како и со други прашања поврзани со нотаријатот како институција што е дел од правосудниот систем во државата.

Комората на медијатори на Република Северна Македонија и Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) по тој повод организираат настан „Медијацијата и бизнисот – бизнисот расте ако спорот се реши брзо“.

На настанот ќе се обратат Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика и претседателот на Комората на медијатори, Славе Младеновски.

„Не се откажувај, барај правда! – подигнување на јавната свесност за пристап до правда “ е настанот кој по повод Европскиот ден на правдата го организираат Коалиција Маргини и Здружение ЕСЕ. Настанот ќе се одржи пред платото пред Основен кривичен суд Скопје.

На настанот, студенти од Правната клиника при Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе промовираат пораки за правото на бесплатна правна помош кон граѓаните.

Во 2003 година, Советот на Европа донесе одлука 25 октомври да се одбележува како Европски ден за граѓанска правда. Намерата на одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда е на граѓаните на Европа да им овозможи одблизу да бидат запознаени со нивните основни права во повеќе области, како и можност да се запознаат со функционирањето на системот на правосудството.