Родова еднаквост: Да ги извадиме мажите од автомобилите

Родовата еднаквост не претставува само еднаква можност за добивање работа, еднакви плати меѓу мажите и жените или еднаква позиција на моќ, туку таа се одразува и во правото на породилно отсуство на родителите, во организацијата на транспортот.

Иако Индексот за родова еднаквост на Европа, кој од 2005 година се изработува на секои две години, покажува мал напредок во еднаквоста на жените и мажите, сепак Европската Унија е цврсто решена да поработи на тоа поле.
На конференцијата за презентација на Индексот за 2017 година, која минатава недела се одржа во Брисел, беше речено дека Европа се движи бавно кон родова еднаквост, но од излагањата на повеќе говорници на конференцијата се покажа дека западот и истокот на Унијата покажуваат драстични разлики и на ова поле.

Жените користат јавен транспорт – мажите автомобили

Статистиката вели дека поголем процент од женската популација користи јавен транспорт за да стигне до работа, до училиште, до градинка, до продавница, додека мажите се тие кои во поголем број се возат со автомобили. Тоа треба да се одрази и начинот на кој се развива едно населено место.
– Локалната самоуправа треба да е водена од жена – смета Јоми Ремке, градоначалничка на мало гратче во Шведска. Овој заклучок го темели на многу интересен пример. – И во Шведска жените повеќе користат јавен транспорт. Кога ќе наврне снег, разговараме само за расчистување на снегот од коловозот. Мажите се тие што возат автомобили, а жените ги носат децата во училиште пеш или со велосипед. Малку потешко се оди низ снег кој не е исчистен од тротоарите отколку да се вози автомобил и по неколку сантиметри напаѓан снег на коловозот – смета Ремке.
Но со оглед на тоа што повеќе од 80 отсто од општините се водени од мажи, тие постојано одвојуваат пари за расчистување на коловозите што, пак, придонесува за купишта снег на тротоарите каде што мајките ги водат децата за рака во училиште. Затоа, смета Ремке, доколку општините ги водат жени, тие би ги расчистиле првенствено тротоарите.
Но од друга страна, пак, претставничката на ромската заедница од Романија, Кармен Ѓорѓе, укажа на фактот дека во нејзината земја руралните средини воопшто немаат јавен транспорт.


– Јавниот транспорт како да е резервиран за урбаните средини. Во руралните нема автобуси и трамваи. Па една мајка со мали деца треба 25 минути да оди до најблиската продавница да набави храна, но нема пари ни за количка за бебето. Така што останува да го замоли сопругот кој, пак, смета дека тоа е нејзина работа – рече Ѓорѓе.
Во Европската Унија луѓето просечно трошат 44 минути да стигнат на работа. Жените повеќе користат јавен транспорт за да стигнат од точка А до точка Б. Статистиката покажува и дека 30 отсто од целото време жените го трошат за да стигнат на работа, а 25 отсто за до продавница. Мажите, пак, 40 отсто од времето за патување го користат за до работа, а 15 отсто за други места. Сепак, останува фактот дека употребата на автомобил повеќе се забележува кај мажите, а кај употребата на јавниот транспорт води жената. Тоа е еден магичен круг, затоа што од друга страна, пак, мажите и подобро заработуваат од жените, што им овозможува да си купат автомобил.
Жената, од која се очекува да се грижи за семејството, ем поминува повеќе време во транспорт ем целата грижа за домаќинството останува на неа.
– Мора да ги извадиме мажите од автомобилите и да направиме подобар јавен транспорт во нашите градови. Знаеме дека голем дел од загадувањето доаѓа од употребата на автомобилите. Мажите земаат повисоки плати, па можат да си дозволат и подобар автомобил. А на жените е да притиснат за подобар јавен транспорт – рече Ева Кал, експерт за урбано родово планирање од Виена.

Достапност до институции за згрижување деца и стари лица
Квалитетот на живот се одразува и преку достапноста на институција за чување деца, а секое трето семејство во ЕУ нема пристап до институција за грижа за стари.
– Која е нашата цел, да работат градинките повеќе од 8 часа, за мајката да може да отиде на работа, да се врати и да ги земе децата или ако не може, тогаш е принудена да работи на половина работно време. Од друга страна, пак, дали ни е целта таткото да работи половина работно време и да ги зема децата, со што би се вклучил во грижата за нив повеќе – праша претставничката на Министерството за родова еднаквост на Шведска.
Посочи дека ако нема установи или достапност до нив за чување деца, жените повеќе го чувствуваат тој недостаток, затоа што се оневозможени да најдат работа или, пак, да работат на половина работно време.
Флексибилното работно време може да помогне, па луѓето нема да го трошат времето на транспорт, туку ќе го поминуваат со семејството.
Исто така, ако не постојат доволно институции за грижа на деца и на стари лица, одговорноста повторно паѓа на жената, затоа што таа не само што се грижи за своите деца и за своите родители туку се грижи и за родителите на својот сопруг.

– Нациите стареат и ова е пазар што се отвора, а многу допира во прашањето на полова еднаквост. Згрижувањето во домови и институции е многу скапо за 24-часовна нега. Никогаш не разбрав зошто тоа е работа на жената? И мажот и жената се родители и имаат родители, па грижата за семејството треба да се подели – смета Јоана Мајко, генерален секретар на Европското женско лоби.

Мажите заслужуваат шанса да бидат подобри татковци
Кога станува збор за породилното отсуство, различни земји во Европската Унија имаат различни правила.
Така, 18 земји членки имаат критериуми според кои можеш да го оствариш правото на породилно, седум земји не даваат бенефити за породилно. Статистиката покажува и дека 1 од 5 луѓе во Европа на возраст од 20 до 49 години или од нив 34 отсто од жените и 23 отсто од мажите не можат да го остварат правото на породилно отсуство. Жените најчесто поради невработеност, а мажите затоа што се самовработени (Луксембург). Исто така, 1 од 10 вработени, сепак не можат да добијат породилно отсуство. На пример, во Луксембург треба барем 12 месеци да си вработен со најмалку 20 часа неделно.
– Што е опцијата за овие луѓе или немаш деца, или се откажуваш од работата и бараш друга, или да побараш некој да ти го чува детето – смета Карин Страндерс од шведското Министерство за родова еднаквост.
– Јас зедов породилно отсуство. Тоа беше привилегија. Јас сум белец, хетеросексуалец, двајцата работиме, а со породилното отсуство што јас го зедов, имавме значително намалување на приливот, но задоволството од дружењето со моите деца никој не може да ми ја замени – рече Коен Дедонкер од здружението „Менингејџд“.
Тој раскажа дека стереотипите се силно изразени во европското општество, раскажувајќи дека кога ги носел неговите синови на возраст од 3 и 5 години во градинка, воспитувачката му рекла да ѝ каже на сопругата да прави по еден сендвич за нив, не два.
– Не ми се обрати како на родител, туку се подразбира дека сопругата ги прави сендвичите – рече тој.
Бјорн Сивердинг од европската мрежа на ЛГБТИ-заедницата посведочи дека тој зел породилно отсуство за да ги чува нивните синови.
– И јас сум татко на две деца и зедов породилно отсуство, неплатено, затоа што, за среќа, мојот сопруг зема доволно висока плата да нè издржува сите – се насмеа Сивердинг.
Уште многу предизвици се пред Европската Унија ако сака да ги израмни правата и можностите на мажите и на жените. Виргинија Лангбак, директор на Европскиот институт за родова еднаквост, на крајот на конференцијата рече дека и во следните години ќе се залагаат за намалување на разликите, но досега Индексот покажува дека промените се случуваат со брзина на полжав. Допрва треба да се работи на зголемување на безбедноста во јавниот транспорт, да се избориме со хомофобијата па припадниците на ЛГБТ-заедницата или, пак, Ромите да бидат прифатени од општеството, со што би им се овозможиле истите услови и пристап до институциите како за сите.
Билјана Богдановска