Од среда почнува исплатата на пензиите
Исплатата на мајските пензии почнува од среда, 27 мај. Предвремената и етапна исплата на пензиите се реализира втор месец, заради поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
– Во среда исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
– Во четврток исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
– Во петок исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
-Во понеделник, на 01.06.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
Пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од среда 27 мај. Тие можат да ја подигнат мајската пензијата на банкомат или да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа.
Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Апелира до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.
Потсетуваме на обврската за носење лична заштитна опрема којашто ги покрива пределот на носот и устата и држење растојание од најмалку два метра при чекање ред пред и внатре во банките.