Од продажба на земјоделско земјиште Заев очекува 200 до 300 милиони евра. Попова Шапка може да оди во „пакет“ со Брезовица


Во дебатата на МТВ премиерот нагласи дека веќе има заинтересирани за Пошта – од Австрија, Словенија, Романија, Чешка…

Државата очекува 200 до 300 милиони евра од продажба на државното земјоделско земјиште во наредните три години, 20 до 40 милиони евра од регистрирање на автомобилите со странски таблички, но и значајни приходи од приватизација или јавно-приватно партнерство на државните претпријатија кои создаваат загуби, рече премиерот Зоран Заев на дебата за Буџетот за 2021 година на националниот радиодифузен сервис. Тој додаде дека на овој начин ќе се понудат и други ресурси, при што примарната цел не се приходите во Буџетот, туку нивно заживување и ставање во функција. Ќе се понудат и други капацитети, како Попова Шапка, Ливадиште и сл., со тоа што за зимскиот центар на Шар Планина се размислува да се настапи заедно со Брезовица, за што имало заинтересираност од страна на Косово.

На дебатата на која учествуваат министерот за финансии Фатмир Бесими, академик Абдулменаф Беџети, универзитетските професори Трајко Славески и Марјан Петрески, како и Никица Мојсоска-Блажески, извршен директор на „Македонија 2025“, во фокусот беа ковид кризата, борбата против сивата економија, но и даноците, можноста да се остварат повеќе приходи во Буџетот, поддршка за стопанството и тн.

На прашањето зошто верува дека државата ќе може да ги продаде претпријатијата кои се во нејзина сопственост, а кои генерираат загуби и и дали има заинтерсирани, Заев рече дека има интерес.

„Овој процес го објавивме уште пред самата криза, во 2017-2018 година“, рече Заев, потсетувајќи дека и тогаш се зборувало за продажба на Железници транспорт, Македонска пошта, „Еурокомпозит“, ТК „Прилеп“, но и други ресурси како Попова Шапка, Ливадиште, ТЕЦ „Неготино“…

„Доминантно заради тоа што со влез на приватен капитал очекуваме да се зголемат прерформансите на нивното работење. Тоа може да биде 100 отсто, но може да биде јавно-приватно партнерство, концесија и сл“, рече Заев додавајќи дека сега овие капацитети се неефикасни ресурси во рацете на држвата кои треба да се стават во функција.

„Ќе го земам примерот со Пошта, оваа компанија не го држи трендот дури и на регионот, да не зборуваме за европските пошти“, рече Заев. Тој нагласи дека заинтересирани за Пошта веќе има – од Австрија, Словенија, Романија, Чешка…

Заинтересираност да инвестираат во земјава има и од земјите од Вишеградската група, но и од познати компании од Швајцарија, Италија, Австрија за делот на скијачки центри, како што е Попова Шапка.

„До Косово испорачавме понуда да влеземе заедно со Брезовица, па планината да се разигра и да биде попримамлива. Генерално се позитивни и верувам дека може да одиме и заедно“, рече Заев, додавајќи дека во делот на туристичките комплекси се рамислува и за Ливадиште во струшкиот дел, кој е целосно во сопственост на ЕСМ, но не се користи доволно како ресурс.

„Може да обезбедиме квалитетни приходи, но не одиме доминантно заради приходите.

Приходите ги чекаме од продажбата на земјоделското земјиште и се надеваме дека на овој начин ќе се продаде 20 до 30 отсто од државното земјиште. Не наеднаш, затоа што ниту има капацитетност ниту очекуваме тоа да се случи наеднаш“, исстакна Заев.

Анализите покажуваат дека земјоделското земјиште кое е во државна сопственост, според пазарни цени вреди повеќе од 2 милијарди евра. Но, Заев посочи дека државата очекува од приодажба да оствари приходи во износ од 200 до 300 милиони евра во наредните три години односно во 2021, 2022 и 2023 година.

Друг извор на приходи се очекува да биде и внесување на кеш парите кои што се надвор од системот, по примерот на други земји кои го воведувале европското законодавство за потекло на имот и пари.

„Се дава ваква отворена можност сѐ што не е кривично гонето или под истрага, со плаќање на данок да може да се внесе“, рече Заев.

Според него, значаен приход за државниот Буџет може да претставува легализација на автомобилите со странски таблички. Процените велат дека од ова може да се остварат 20 до 40 милиони евра кои ќе бидат приход на државата.

„Тоа го побараа граѓаните. Не можејќи да одат во Бугарија, но и во други земји за да ги регистрираат, тие се надвор се од промет. Плус ќе се обезбеди траен приход со редовното годишно регистрирање, а тие пари одат за патишта, одат во општините, за државниот буџет…“, рече Заев, додавајќи дека се отвораат и „авангардни дебати“ за декриминализација и легализација на марихуаната, заради поттик на услужните дејности.

Зборувајќи за енергетиката како шанса за економски развој Заев рече дека нашата земја е „убава“ раскрсница на американски, европски и кинески интереси и верува дека ќе се искористи таа можност и потенцијал за развој. Кога се зборува за енергетиката се мисли и на аспектот на штедење, за што во буџетот има сериозни компоненти.

Покрај ова ги издвои и земјоделството и преработувачката индустрија кои имаат сериозен потенцијал за поголем раст од вобичаениот.

„Ресурси имаме. Според ММФ, 37 отсто е даночната евазија. Овие 37 отсто од 4 милијарди буџет се 1,4 милијарди евра кои ни се губат. Штетата не е само што се губат парите. Штета е на сите оние кои што работат легално им прави дополнително проблем и ги турка кон неформалниот или кон нелегалниот сектор. Тука се кријат сериозни пари“, рече Заев, додавајќи дека акцент се става и врз борба против корупцијата. „Да имаме 3-4 проценти поголем успех тоа е сериозен потенцијал за развој на државата“, додаде тој.

Премиерот ги повика сите – професорите, експертите, но и политичарите, политичките партии, но најмногу коморите и синдикатите да ѝ помогнат на својата земја.
Владата очекува и на дел од помошта од меѓународната заедница. Од деветте милијарди предвидени како грант, 8 милијарди се директен грант, а една милијарда се за акцелерирање на ЕБРД и ЕИ за кредитни линии.

„Ако Западен Балкан има 18 милиони жители, а ние сме два милиони, тоа значи некоја милијарда треба да очекуваме, зависно колку сме ние подготвени со потенцијални проекти. Тоа е дополнително што можеме да го очекуваме“, рече Заев нагласувајќи дека кризата е и можност, и дека ако се искористи паметно сите домашни ресурси може да се стават во оптек.

Во тој контекст се осврна и на диверзификацијата на енергенсите.

„САД веројатно сакаат да ја помогнат конкурентноста на диверзификацијата на енергенсите, пред сѐ на природниот гас. Државата развива сериозни стратегии, во тек се сериозни преговори. До крајот на годинава ќе ги соопштиме резултатите од тие преговори. Сето тоа претставува и екологија, но и економија“, рече Заев. (M.J.)