Од недела почнува постепено воведување на новиот систем за контрола на надворешните граници на ЕУ
Новитe правила за влез во ЕУ важат и за македонските државјани

Брисел – Од недела почнува постепеното воведување на новиот систем за преминување на надворешните граници на Европската Унија, соопшти Европската комисија. Земјите-членки ќе почнат да собираат електронски податоци за државјани од трети земји кои престојуваат до 90 дена. Новитe правила за влез во ЕУ важат и за македонските државјани.
Преодниот период ќе трае шест месеци, при што земјите сами ќе одредуваат на кои гранични премини прво ќе ја воведат новата процедура. Потоа системот ќе се прошири на сите гранични пунктови.
Со новите правила се укинува досегашното физичко печатење на пасошите – контролата ќе се врши електронски, а податоците ќе вклучуваат биометриски информации: фотографија и отпечатоци од прсти.
По првичното внесување на податоците, патниците ќе поминуваат побрза проверка. Некои земји ќе овозможат и самостојна контрола преку автоматизирани уреди, наведува Комисијата.
Системот ќе биде целосно функционален од 10 април 2026 година и треба да помогне во откривање нелегален престој и злоупотреби на документи.