Од денеска во Охрид заеднички патроли на македонските и српските полициски службеници


Денеска во Охрид отпочнаа со функционирање заедничките полициски патроли составени од полициски службеници од македонското и српското Министерство за внатрешни работи.

Патролите се реализираат врз основа на потпишаниот Протокол за соработка во текот на летната и зимската туристичка сезона на двете Министерства според кој, предвидено е заеднички патроли да патролираат низ Охрид секојдневно во текот на сезоната од 20 јули до 31 август.

„Она што посебно е карактеристично за оваа соработка е дека целта на заедничките патроли не е само зголемување на степенот на размена на искуства помеѓу полициските службеници од двете министерства, туку многу повеќе излегување во пресрет на граѓаните со цел задоволување на нивните потреби од безбедносен аспект како и обезбедување други сервисни потреби. Полицајците од Србија нема да имаат полициски овластувања и при реализација на полициската работа на терен ќе бидат обврзани да постапуваат во согласност со националното законодавство на РСМ, нема да го носат службеното оружје и ќе даваат само поддршка на полициските службеници од Охрид“, велат од МВР.

Српските полицајци пред стапувањето на работната задача детално биле запознаени со законотите во земјата.