Од денес вакцинација против морбили во сите училишта
Поради прогласувањето епидемија на морбили на територија на цела држава, од денеска ќе почне теренска вакцинација на учениците во сите средни и основни училишта, најави министерот за образование и наука Арбер Адеми. Очекува дека оваа теренска вакцинација ќе биде успешна, ќе даде резултат и ситуација со морбилите ќе се надмине. Подвлече дека министерствата за здравство и за образование се во постојана комуникација и заеднички бараат решение како да се испочитуваат Уставот, во кој стои дека основното образование е задолжително, и Законот за основно образование, во кој е нагласено дека родителот при упис на детето во прво одделение треба да приложи потврда за примените вакцини. Во ек на епидемија, нагласи Адеми, важно е да се заштити здравјето на населението, пред сè на децата и затоа ќе следува имунизација.
„Ние сме во постојана комуникација со Министерство за здравство. Навистина состојбата со морбилите е алармантна. Во фаза е имунизирање и изнаоѓање што подобро законско решение. Во Законот за основно образование посочено е дека при упис во основните училишта треба да се приложи потврда дека детето ги има примено вакцините според календарот за имунизација. Секоја наша одука треба да биде во насока и во согласност со уставните одредби, каде што основното образование е задолжително, но секако треба да се зачува и да не се загрозува јавното здравје на кој било. Во оваа насока ќе бидат нашите законски и подзаконски решенија. Кампањата за вакцинација не е агресивна, а треба да биде имајќи ја во предвид ситуацијата со која се соочуваме. Во државава имаме епидемија и недозволиво е институциите да стојат со скрстени раце, туку да бидат активни, да излезат на терен и да ја подобрат ситуацијата“, рече Адеми.
Во средата министерот за здравство Венко Филипче потенцираше дека ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште ако не е вакцинирано, откако беше усвоен предлогот на Комисијата за заразни болести да се прогласи епидемија од морбили на територија на целата држава. Посочи дека има многу прецизно дефинирани членови во законите за здравствена заштита и за заштита на населението од заразни болести, во правилниците за имунизација, каде што стои дека вакцинацијата е задолжителна и дека децата мора да се вакцинираат. Јасни, според него, се и одлуките на Уставниот суд според кои никој нема право да го загрозува јавното здравје.
Од Министерството за здравство велат дека во меѓувреме на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има 41 пациент заболени со морбили, од кои 21 се возрасни и 20 деца. Во потешка состојба е само еден пациент, а другите се во стабилна состојба. На Клиниката за детски болести едно дете кое е заболено со морбили е ставено да дише преку механичка вентилација. Инаку, од почетокот на епидемијата во декември во 2018 година досега, над 970 граѓани заболеа од морбили, а три починаа.
Вероника Мароска-Леова