Обвинителниот акт за пожарот во „Пулс“ конечно стигна во Основниот кривичен суд Скопје

Обвинителниот акт за трагичниот пожар во Кочанската болница по повеќе од половина месец патување низ судовите низ Македонија, денеска стигна на конечната дестинација, во скопскиот Кривичен суд каде ќе се суди еден од најголемите предмети за една најголемите трагедии во Македонија.
Откако од кочанскиот суд беше препратен во штипска Апелација, па во Врховен суд, па потоа се врат пак во второстепениот суд во Штип, па во Кочани за денеска да стигне во Кривичен, скопскиот суд соопшти дека денеска е доставен предметот до нив, но и решението на Врховниот суд, според кое за надлежен за постапување во оцена на обвинителниот акт се определува Кривичниот суд.
– Согласно решението на највисокиот суд, кој постапувал по предлог на Апелациониот суд Штип, за определување на стварна и месна надлежност за постапување по предметот, Врховниот суд анализирајќи го кадровскиот и техничкиот потенцијал на Основните судови во Штип и Струмица, како судови со проширена надлежност на територија на Апелационо подрачје Штип, утврдил дека во наведените судови нема доволен број на судии од кривична област за кои нема законски пречки да постапуваат по конкретниот предмет. Имајќи ја предвид обемноста и сложеноста на предметот, бројот на обвинети и бројот на оштетени, обемниот доказен материјал и јавниот интерес за истиот, Врховниот суд, ценел дека по конкретниот предмет треба да постапуваат судии од кривична област кои со стекнатото искуство и познавање на кривичната материја ќе овозможат гаранција за ефикасност, стручност, Законито постапување, а преку постапката ќе придонесат и за „сензибилизирање на јавноста“, како што е наведено во решението – соопшти Кривичниот суд, кој цитираше дел од решението на Врховниот суд.
Најголемиот кривичен суд е надлежен за постапката, па обвинителниот акт, согласно АКМИС – системот ќе биде распределен Совет за оцена на обвинение кој ќе го достави актот до обвинетите ,по што започнува законскиот рок за приговор.
– По исполнување на предвидените услови за постапување, советот ќе закаже седница за оцена. За исходот странките и јавноста ќе биде навремено известена – се додава во соопштението.