ОБСЕ за случаите на СЈО: Деловните и службените патувања не треба да ги одлагаат судењата


Оценката на ОБСЕ е дека судиите во случаите на СЈО се премногу толерантни и ги прифаќаат различните барања на странките во однос на предлагањето докази

 

Слободанка Јовановска

Иако СЈО веќе не постои, ОБСЕ го објави третиот извештај за текот на судските случаи што ги покрена ова обвинителство. Генералниот заклучок е дека бројот на завршените предмети е многу низок и дека од вкупно 20 обвиненија покренати од СЈО во рамки на законски предвидениот рок, само четири предмети се завршени во жалбена постапка, четири предмети се завршени во првостепена постапка, а за еден се очекува почетокот на повторното судење. Оваа бројка е уште пониска доколку се земе предвид и фактот дека во еден од овие случаи обвинетиот реши да ја признае вината.

Причини за тоа, според оценката, се несоодветниот начин на изведување на доказите пред судечкиот совет и честите одолговлекувања и одложувања на закажаните расправи.

„Се чини дека обвинителите (на СЈО) не ги поседуваат потребните вештини или не се подготвени да ги изберат и пред судот да ги изведат само релевантните докази со кои се потврдуваат наводите од обвинителниот акт, што води кон одолговлекување на судските расправи“, стои во оценката. Обвинителството, според извештајот, има тенденција пред судот да ги изведува сите докази што биле обезбедени во текот на истрагата, па дури и во оние случаи кога некои од тие докази не го поддржуваат обвинението.

Што се однесува до судиите, оценката на ОБСЕ е дека тие се премногу толерантни и ги прифаќаат различните барања на странките во однос на предлагањето докази. Според ОБСЕ, во текот на судењата, тие не секогаш го користат своето право на вршење контрола над дозволеноста и прифатливоста на доказите, туку дозволуваат изведување на сите докази предложени од странките, без претходно да извршат оценка на нивната релевантност.

„Во текот на временскиот период опфатен со овој извештај, стапката на одложување на судските расправи беше 34 отсто. Судовите преземаа значителни напори да ги завршат предметите, закажувајќи почести расправи. Истовремено, одбраната ги користеше сите законски можности да го забави одвивањето на судските процеси. Оваа активност на одбраната имаше последици во однос на должината на судењата, наспроти должноста што ја има судот за обезбедување брзи судски разрешници на кривичните предмети“, стои во извештајот.

Главната причина за одложување на рочиштата и натаму останува отсуството на најмалку еден од обвинетите (26 отсто), тренд што е во нагорен раст. Според извештајот, важечката законодавна рамка не им нуди ефективни алатки на судовите во ситуациите кога обвинетите самоволно донеле одлука да не присуствуваат на судењето.

„Во ситуациите кога еден обвинет, кој добил уредна покана, нема да се појави пред судот, законот дава можност расправите постојано да се одлагаат, под услов обвинетиот да достави соодветно оправдување за своето отсуство преку својот адвокат. Сепак, судот има можност на обвинетиот да му изрече парична казна доколку смета дека ваквото право се злоупотребува“, се вели во извештајот.

„Во врска со споделувањето на доказите, важечката правна рамка предвидува обврска за обвинителството да го запознае обвинетиот со доказите што ги поседува против него, но таа не секогаш се почитува во пракса. Во пракса, одбраната ќе добие копии од доказите во предметот само доколку обвинителството има добра волја и е подготвено да го стори истото“, стои во оценката на ОБСЕ. Но се дополнува дека СЈО не само што ја исполнувало својата законска обврска за споделување на предметните списи со одбраната по завршувањето на истражните постапки, туку дури и го надминало она што е предвидено со законот, доставувајќи им на адвокатите на одбраната компјутерски дискови кои ги содржат сите собрани докази во полза на обвинението.

„Ваквото постапување е за пофалба и во согласност со највисоките стандарди за фер и правично судење“, стои во оценката на ОБСЕ, со забелешка дека сепак одбраната не добила од СЈО и копии од снимките на прислушуваните разговори, а „за тоа остануваат и понатаму нејасни“.

На крајот, во препораките, на судовите им се сугерира да ги одложуваат расправите само кога тоа го бараат и им оди во полза на обвинетите кои навистина не се во состојба да присуствуваат. Исто така, од судиите се бара да ги користат алатките за управување со судската постапка кои се предвидени во ЗКП и да се уверат дека во текот на судењето ќе бидат изведувани само релевантни и важни докази, дека тие навреме ќе се споделуваат за да нема одлагања. Исто така, според ОБСЕ, би било корисно, во ЗКП да се вметне една општа клаузула, според која, судијата ќе може да ја прифаќа само „легитимната“ и „апсолутната“ спреченост, како причина за одложување на расправата. Кога еден обвинет недвосмислено ќе се откаже од своето право да присуствува на сопственото судење, подоцна во иднина, истиот да не може да го ужива правото на повторно судење. Деловните обврски или службените патувања на обвинетите, исто така, не треба да се сметаат како легитимна причина за одложување на судските расправи. Кога работната обврска на обвинетиот произлегува од неговата службена функција предвидена со Уставот (односно, ако станува збор за обвинет пратеник кој мора да присуствува на седница во Собранието), да се избегне евентуалното преклопување на судските расправи со парламентарните седници.

Генерално во извештајот стои дека од вкупно 338 расправи што биле предмет на набљудување во временскиот период помеѓу 1 декември 2018 и 15 јануари 2020 година (не сметајќи ги расправите за предметите што беа преземени од ЈО, предметите вратени на повторно судење и одвоените постапки во одреден број предмети), одложени биле 114.

Исто така, во истиот период, за вкупно 14 предмети имало 17 повторни започнувања на судењето, што значи дека судската постапка во некои од овие предмети започнувала од почеток – и повеќе од еднаш! Во шест случаи судењето започнало одново поради измени во составот на судечкиот совет, а во 11 поради долги одложувања на расправите. Судењето за предметот „Тотал“ мораше да започне од почеток поради двете причини.  Судењето во случајот „Шпион“ започнуваше од почеток двапати, при што во двата случаи, тоа беше поради изминатиот период од 60 дена помеѓу закажаните рочишта (одредба од стариот ЗКП).

Инаку, во осумте предмети што се завршени во прв степен имаше само една ослободителна пресуда. Во еден од завршените предмети, обвинетиот ја призна вината, што резултираше со само една одржана расправа (предметот „Тифани“). Во предметот „Центар“, двајца обвинети признаа вина (судската постапка се одвива и понатаму против другите обвинети), по еден обвинет во „Талир 1“ и „Таргет-Тврдина“ исто така ја признаа вината, меѓутоа, овие судења се и понатаму во тек за останатите. Обвинетите што ја признаа вината беа осудени условно и им беше изречена казна затвор, која нема да ја издржуваат доколку не сторат други кривични дела во текот на пробацискиот период.

Времетраењето на првостепените постапки во завршените случаи беше различно, од четири месеци („Тенк“ – главен судски процес) до две години („Тарифа“).