По напад со дрон откажани летовите од аеродромот во Порт Судан

Аеродромот во Порт Судан, градот каде што се наоѓа привременото седиште на суданската Влада, утринава го прекина сообраќајот по нападот со беспилотно летало, соопшти раководството на аеродромот.
-Цивилниот дел од аеродромот беше цел на дронот, изјави неименуван претставник на аеродромската служба.
Француските медиуми утринава пренесоа дека во овој судански град се слушнале експлозии.
Засега нема информации за евентуални жртви или материјална штета.
Воениот дел од аеродромот во неделата беше цел на напад со беспилотни летала, што веќе доведе до прекин на летовите, а војската за нападот ги обвини паравоените Сили за брза поддршка.
Судан, третата најголема земја во Африка по површина, е во борба за власт од април 2023 година помеѓу генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, началник на армијата и де факто лидер на земјата по државниот удар во 2021 година, и неговиот поранешен заменик, Мохамед Хамдан Дагло, кој ги предводи паравоените Сили за брза поддршка.
Во првите месеци од војната, армијата се повлече на исток и го премести седиштето на владата во Порт Судан, пристаниште на Црвеното Море на истокот од земјата, што досега беше поштедено од насилство.
Во Порт Судан, што е под контрола на војската, се сместени повеќе агенции на ОН, како и стотици илјади раселени лица.
Во војната во Судан досега загинаа неколку десетици илјади лица, 13 милиони се раселени, а во некои области има глад, што, според податоците на ОН, предизвика голема хуманитарна катастрофа.