Објавени проектите вредни 50 милиони евра што ќе ги финансира ТАВ


Премиерот Зоран Заев и главниот и извршен директор и претседател на ТАВ Аеродроми Сани Шенер ги објавија првите договори за инфраструктурни проекти на 23 општини од ТАВ програмата. Проектите ќе бидат финансирани со 50-те милиони евра на ТАВ Македонија во договорот за пренамена на средствата што требаше да се потрошат за карго аеродромот во Штип, инаку обврска која операторот ја превзеде со добивањето на концесијата над аеродормите.

Станува збор за сума од точно 49.743.119 евра од Договорот за концесија склучен во 2008 година. За промената на намената на дел од средствата е добиена согласност на 30 ноември годинава од ТАВ Македонија како инвеститор и ТАВ Хавалиманлари Холдинг како референтен оператор.

Најмногу пари од 98-те проекти, архивирани на 11 декември, ќе добие АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. За 904.050.000 денари ќе треба да го подобри терминалот на Аеродром Скопје и да го модернизира и прошири терминалот на Аеродром Охрид. Град Скопје ќе добие 204 милиони денари за проектот кај Mомин Поток Петља и 178,5 милиони денари за изградба на мостот Карпош. 

Во првата фаза ќе бидат реализирани 23 проекти во вкупна вредност од 9,9 милиони евра за што денеска на општините им беа врачени договорите.Втората фаза е планирана кон почетокот на јули, а третата кон крајот на јули. Станува збор за проекти за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни улилишта, резервоари за вода и други проекти.Освен за инфраструктурини проекти во општините, дел од средствата ќе бидат наменети и за проширување на капацитетите на двата аеродрома во земјава.

– Главната цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво. Продолжуваме да поддржуваме трајни добра, бидејќи изградбата на локалната патна инфраструктура, водоснабдителна мрежа, канализациони мрежи, реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи, се за подобар животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој, истакна премиерот Зоран Заев на денешното доделување на договорите.

Тој додаде дека Владата се залага за рамномерен регионален развој и зајакнување на децентралиzацијата со трансфер на надлежностите од централно на локално ниво.

Извршниот директор и претседател на ТАВ Аеродроми, Сани Шенер истакна дека за три години ќе бидат инвестирани 35 милиони евра за 99 општински проекти и 14, 7 милиони евра за двата постојни аеродроми.

Шенер додаде дека досега биле инвестирани 130 милиони евра на двата аеродроми, како и дека за десет години се бележи четирикратен пораст на бројот на патници. Во 2019 година, според него, на двата аеродроми имало 2,7 милиони патници.