Објавена програмата на новата влада – од „е-инспектори“ до отворени листи на локалните избори


Фото: Б. Грданоски

Предлог програмата на новата влада, што ќе се најде на расправа во Собранието во сабота, е ставена на јавен увид на веб страната на собранието (Линк: https://www.sobranie.mk/materialdetails.nspx?materialId=a8c37bad-35f6-4dda-b820-4b28a5419092  )

На 54 страници содржани се детални политики во сите области,од мерките во економијата до е-дипломатијата. Во овој амбициозен документ владата се обврзува на многу промени и политики кои треба да доведат до значајна трансформација во начинот како функционира земјата и ако се остварат, од 20-тиот да ја внесат Македонија во 21-от век.

Во програмата меѓудругото стои дека владата до крајот на мандатот ќе ја врати  економијата на солиден и оддржлив раст од 4%. Ова се поинтересните ветувања:

„За време на кризата се обврзуваме да ја задржиме висината на минималната плата во висина од 14.500 денари. По завршувањето на кризата, владата ќе продолжи со своите докажани заложби: 1) раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40% и 2) раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија.

За поддршка на ваков динамичен раст, ќе обезбедиме директна подршка на домашните и странски инвестиции во износ од 300 милиони евра од домашните буџети и директна алокација на очекувани 300 милиони евра од европските фондови…

Персоналниот данок на доход се намалува на 0% во 2023 година за ИТ индустријата и тоа скалесто: 5% во 2021, 3% во 2022 и 0% во 2023. Данокот на личен доход останува на 10%, но остануваме доследни на воведувањето прогресивно оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање консенсуз за воведување на иститот…

Владата ќе го продолжи успешниот проект ‘Мoj ДДВ’ и ќе го зголеми лимитот по поединец на 2.300 денари за тромесечие и 9.200 денари годишно, односно на 36.800 денари за просечно четиричлено семејство.

Ќе објавуваме редовно бела листа на даночни обврзници, односно компании кои редовни ги исплаќаат своите даночни обврски. Во Законот за финансиска дисциплина ќе ги вклучиме и државните и владините институции и ќе ги изедначиме со обврските на приватниот сектор.

Се обврзуваме исто така на обезбедување на две милијарди денари секоја година за активните мерки за поддршка на вработување и самовработување.

Секоја година ќе ги зголемуваме платите на здравствените работници и соработници до 10%. Нашата цел е најниската плата на здравствени техничари и медицински сестри да ја стигне просечната плата во државата до 2024 година.

Од 2021 година трикратно ќе го зголемиме бројот на специјализации во точно определени области. Ќе распишеме и доделиме дополнителни специјализации во соработка со здравствената фела, имајќи го предвид недостигот на специјалисти во повеќе медицински гранки;

Шанса за секој млад дипломиран лекар со лиценца за работа. Ќе обезбедиме платен работен стаж за секој нов млад лекар, но и паричен надоместок како стимулација;

Сите лекари на специјализација со живеалиште надвор од Скопје кои го немаат решено станбеното прашање ќе добијат субвенција од 12.000 денари месечно;

Помалку бирократија, побрза здравствена услуга. Со целосно здравствено- информатичко поврзување, комплетно ќе се избегне ‘шетањето’ на пациентот заради административни причини на релација матичен лекар-специјалист-матичен доктор- аптека. Владата ќе воведе целосно електронско здравство, без користење на хартиени форми на документи.

Апликацијата ‘Мое здравје’ ќе ја воведеме до крајот на 2020 година. Со неа за секој граѓанин ќе се обезбедат електронски поврзани податоци и историјат на дијагнози и терапии. Со тоа, граѓаните ќе имаат подобар увид и грижа за сопственото здравје.

До крајот на мандатот сите болници и здравствени домови ќе ги направиме енергетски ефикасни, а ќе ги реновираме сите вакцинални пунктови и најстарите одделениjа во болниците.

Во 2020 година ќе обезбедиме 70 нови возила за итна медицинска помош и редовно обновување на возниот парк секоја година до крајот на мандатот.

Ќе воспоставиме три нови пункта за итна медицинска помош на подрачјето на град Скопје. Времето на одговор на итна медицинска помош ќе стане до 10 минути во урбани и до 20 минути во рурални средини.

Ќе воведеме новиот концепт за сигурност во сообраќајот ‘Сигурни градови’ (Safe City), особено во урбаните центри. Тоа подразбира јасна и ригорозна регулација на брзини во населени места, поставување систем од камери за контрола на почитувањето на правилата и брзините, целосна автоматизација на процесот на казни и врзување на казните на регистрацијата на автомобилот. Safe City ќе започне од главните крстосници и булевари и фазно ќе се шири во сите урбани центри. На патиштата ќе поставиме мобилни радари и камери бидејќи големиот број на жртви од сообраќајни несреќи е многу често резултат на неприлагодена брзина и непочитување на ограничувањата.

Ќе го реформатираме системот и правилата во инспецискиот надзор. Еден вицепремиер ќе ги координира сите инспекции. За една година речиси ќе преполовиме број на инспекторати, а ќе го дуплираме бројот на инспектори за животна средина и пазарна инспекција. Правилата мора да важат за сите, особено за оние кои се платени да ги спроведуваат и контролираат и затоа сите инспектори кои скриле или непостапувале по одреден предмет – ќе носат одговорност. Владата ќе ја воведе платформата ‘е-инспектор’ и ќе ја спроведеме во сите инспекциски служби, со цел да се елиминира дискрецијата и субјективноста во вршењето на инспекцискиот надзор. Воедно, ќе ги задолжи сите инспекторати да ги објавуваат месечните извештаи со точни податоци кога, каде и со каков резултат се спроведени инспекциите. Еднаш месечно ќе имаат средба со ЗЕЛС и заинтересирани НВО за резултатите и проблемите со кои се соочуваат.

Владата има целосен консензус дека е неопходно ефикасно и објективно ‘прочистување’ во правосудството. Првиот чекор за ветинг е веќе направен со надлежноста на ДКСК да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање, ретки рочишта и слично. Проверка може да го опфати личното и професионално минато, стручноста и отпорноста на влијание на интересните групи.

Владата, како и во претходниот мандат, ќе поддржи формирање на анкетни комисии или иницирање на меѓународна поддршка и мониторинг за одредени случаи кои создаваа меѓуетничка недоверба и тензии како ‘Алфа’, ‘Монструм’, ‘Диво насеље’, итн.

Никој не смее да е над законот, а носителите на функции со свој пример тоа мора да го докажуваат. Ќе предложиме измени во Кривичниот законик со кои ќе се заостри казнената политика за дела типично врзани за носители на функции.

Дополнително, ќе ги намалиме привилегиите на јавните функционери, а со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

Владата ќе предложи измени во Изборниот законик со кој ќе се воведе принципот на отворени листи уште при следните локални избори. Директниот избор ќе значи поголема врска на избраните со нивните сограѓани, наместо силна врска и зависност само од политичките партии.

Ќе воведеме зајакната анализа од страна на УЈП на приходите и расходите на нотарите/ извршителите која ќе биде основ за детални контроли, измени и дополнувања на нивните тарифници и длабинска контрола на незаконитите поврзувања во оваа, за граѓаните, исклучително осетлива дејност.

Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функции и надлежности на институциите, пензионирање на 64 години (со споменатите исклучоци), пакети за трансфер во приватен сектор или предвремено пензионирање и сл.

До 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. Сите јавни институции се мапирани и ќе се донесат одлуки за најсоодветните решенија: (1) поврзање на централно парно греење, (2) на гас, (3) користење на високоефикасни инвертер клима уреди или (4) топлотни пумпи.

До крај на 2020 воведуваме постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати, ги вмрежуваме државниот и локалните капацитети и ќе ги зголемиме нивните ингеренции. По акредитација на методи на нив ќе им биде ставена целосно на располагање Централната лабораторија за животна средина, а Државниот инспекторат секоја година ќе потпишува договори за соработка со акредитирани лаборатории за суперконтрола.

Воведуваме засилена контрола на увоз и извоз на отпад, собирање, складирање и третман на сите видови на отпад, како и вонредна контрола на сите издадените дозволи за управување со отпад. Ќе ги повикаме невладините организации да ни се приклучат заради транспарентност и зголемена доверба кај граѓаните.

Започнуваме промена во политиките за јавен транспорт. Владата ќе даде поддршка на град Скопје кој започнува изградба на систем Bus Rapid Transport – брз транспорт со трамвај (со кредитна линија од ЕБРД). Ќе воведеме покомплексен систем на субвенции и даночни олеснувања за набавка на ‘еколошки’ возила (на електричен и хибриден погон), замена на нееколошко гориво со гас кај транспортни средства (особено за транспортери на стоки, такси возила и сл.) и набавка на велосипеди.

Воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроелектрани во заштитени подрачја.

Ќе фаворизираме е-амбасади. Ќе ги дигиталитизираме услугите на нашите сограѓани кои патуваат надвор од земјата или се на привремен и постојан престој надвор до Република Северна Македонија преку вовдедување на апликација „е-амбасада“ со цел нашите ДКП-а навремено да излезат во пресрет на потребите, барањата на нашите сограѓани…“, се дел од ветувањата во програмата.