Објавена листа на најбезбедни земји. Исланд на врвот, Македонија со пад од четири места


Додека светот е потресен од насилство и нестабилност, најновите податоци од Глобалниот индекс на мир (GPI) покажуваат дека од оваа година просечното ниво на глобален мир се влошило за 0,36 проценти. Ова е 13-то влошување на мирот во последните 17 години, при што 74 земји бележат подобрување, а 87 влошување на мирот.

Исланд останува најмирната земја во светот, позиција што ја држи од 2008 година. На врвот на
индексот ѝ се придружуваат Ирска, Австрија, Нов Зеланд и Швајцарија. Сите овие земји, освен Швајцарија, беа исто така рангирани меѓу десетте најмирни земји во првата година од индексот. Овие земји имаат високи оценки за позитивен мир, што ја нагласува отпорноста создадена од високите нивоа на позитивен мир. Македонија годинава е рангирана на 51-то место од вкупно оценети 163 земји, што претставува влошување за четири позиции во однос на претходното рангирање.

Инаку, на листата доминираат европските земји, а Исланд е на врвот. Од земјите во регионот, Хрватска е рангирана на 19-то место, додека Словенија е на високо деветто место. Црна Гора е на 34 место, Бугарија на 29, Грција на 45, а полошо рангирани од Македонија се Албанија на 52, БиХ на 59 и Косово ни Србија на 63, односно на 64 место.

Листа на 20-те најбезбедни земји во светот:
Исланд
Ирска
Нов Зеланд
Австрија
Швајцарија
Сингапур
Португалија
Данска
Словенија
Финска
Чешка
Јапонија
Малезија
Холандија
Канада
Белгија
Унгарија
Австралија
Хрватска
Германија

 

Целосната листа на земји можете да ја видите ТУКА.

Што го прави Исланд најбезбедна земја во светот?

Исланд со години е на врвот на најбезбедните земји во светот благодарение на речиси целосното отсуство на насилство, високото ниво на доверба меѓу граѓаните и во институциите и општото чувство на безбедност во општеството. Криминалот е исклучително редок, а полицијата генерално не носи оружје.

Земјата е позната по својата неутралност во надворешната политика – нема армија и не учествува во војни – што дополнително го намалува ризикот од конфликт. Иако земјата е изолирана, Исланѓаните се многу поврзани и социјално свесни, а нивната доверба во институциите и едни во други е исклучително висока.

Земјата е позната по својата исклучително чиста енергија – речиси 100% од нејзината електрична енергија доаѓа од обновливи извори, претежно геотермални и хидроелектрани. Ова го прави Исланд едно од еколошки најнапредните општества во светот. Покрај тоа, природата на Исланд фасцинира со својата разновидност: вулкани, гејзери, глечери и црни плажи го прават пејзажот речиси нереален.

Исланд, исто така, има едно од најниските нивоа на корупција во светот, исклучително висока стапка на писменост и бесплатно високо образование. Интересно е и тоа што нема презимиња во класична смисла – наместо тоа, се користат патроними и матроними, што значи дека презимето се базира на името на таткото или мајката, со додавање на „-сон“ (син) или „-дотир“ (ќерка).

Исланд, исто така, има невообичаено силна култура на читање – е меѓу најдобрите земји во светот по бројот на прочитани книги по глава на жител и бројот на објавени автори. Конечно, и покрај тоа што има само околу 370.000 жители, Исланд е една од ретките земји што негува силна музичка и културна сцена, со уметници како Бјорк и Сигур Рос кои се глобално признати.

Што е Глобален индекс на мир?

Глобалниот индекс на мир (GPI) е годишен извештај што рангира 163 земји според нивното ниво на безбедност, присуството на насилство и милитаризација. Објавен е од Австралискиот институт за економија и мир, кој го промовира мирот како основа за социјален и економски развој. Анализата се базира на 23 индикатори поделени во три области: социјална сигурност, домашни и меѓународни конфликти и ниво на милитаризација.

GPI има за цел не само да ги посочи конфликтите, туку и потенцијалот за одржлив мир. Исланд со години е водечки како најбезбедна земја, додека Авганистан и Сирија се на дното.