Oбјавена колекција хитови во спомен на Влатко Илиевски

Две години по заминувањето на Влатко Илиевски, една од најголемите музички ѕвезди во Македонија, се сеќаваме на неговите безвременски хитови кои се дел од новото издание – „За љубов се пее до крај“, некомерцијално издание, кое конечно ја здогледа светлината на денот.

Станува збор за колекција составена од најголемите хитови на Влатко, кои ја одбележаа неговата десетгодишна соло-кариера: „Нека биде по твое“, „Најбогат на свет“, „Со други зборови“, „Среќа“, „И премногу добро“… Колекцијата ја збогатува и темата „Недостигаш“, која во чест на Малиот принц на македонската забавна музика ја испеаа неговите обожавателки Елена, Матеа, Викторија и Анастасија.

Оваа извонредна колекција, во спомен и сеќавање на нашиот Влатко е некомерцијално издание во ограничен тираж.

Поттикнато од семејството на Влатко, за сите негови многубројни негови фанови, од Македонија, регионот и целиот свет, кој дозна за него преку настапот на Евровизија.

Есејот за Влатко – „За љубов се пее до крај“ го напиша новинарот Иван Беќковиќ, го прочита актерот Дејан Лилиќ, а видео-приказната е склопена во ТВ Сител.

За љубов се пее до крај…

Ако, по сè, сум сигурен во нешто, тоа е дека Влатко е тука сè додека неговите песни се дел од нашиот живот. Бидејќи секој голем уметник е голем поради делото што го остава. И кога сè ќе помине „pamtimogapopjesmama…“

Oваа колекција на една мала-голема кариера, каква што беше таа на Влатко, е во тој правец. Мала поради времето и фактот дека имаше уште многу да каже и да покаже, а голема бидејќи, без оглед на поминатите години, неговите песни останаа да живеат.

Десетте „дискографски“ години на Влатко, колку што траеше неговата соло-кариера, за мене се една од најубавите и најтажни музички приказни создадени под ова парче небо.

Како комета влезе и помина покрај нас. Ѕвездениот прав се песните што ни останаа. Како траги во бескрајот. Тие му пркосат и на времето и на просторот. А, кога ги слушаме, како да нè носат на некое друго место, каде што сите заедно сме среќни.

Како што Влатко беше среќен со музиката.

И скромен! „Кога немав толку желби, и без грижи кога бев, знаев дека љубовта е сè…“

Во песната „Најбогат на свет“ кажа „немам ништо свое, а, сепак, имам сè“, а во една друга, пак, за љубов пееше до крај…

Небо, не плачи по него!

Солзите ги растажуваат хероите.

Во животот и во светот сè е релативно. Посебно денес, кога сите вистински врски на земјата се во прекин, знаеме дека детето со ѕвездички во очите, некаде во бесконечноста на вселената, на некоја далечна планета, го најде своето мирно пристаниште. Котвата не е спуштена. Ова е само мал timeout во вечноста.

Малиот принц на македонската музичка сцена не е оставен, ниту заборавен. Неговите песни, оваа колекција, некои подзаборавени, и тие што се снимени, а не се објавени и засега (како една роза, во најубавата приказна на светот) се покриени со стаклено ѕвоно и се „на чекање“, всушност се импулс на неговото срце.

Мижам, го пуштам овој музички споменар и силно ја чувствувам музиката. И љубовта.

Секој тон, секој збор, воздишка и емоција! Секоја од песните трепери. Плачам и се смеам. Пламенот од емоции е вистински и постојан. Како трага во песокот на еден остров каде што има луѓе.

Овие песни заслужуваат долги радиобранови и добри фреквенции. Создадени се искрено и без калкулации. Влатко знаеше дека ќе ги слушаме.

И затоа таа линија, тој кардиограм, никогаш нема да биде рамен.

Сè додека луѓето наоѓаат нешто важно во зборот – љубов.

Иван Беќковиќ