Објавена „Бела книга“ за наводните масовни репресии против Бугарите и бугарскиот јазик во Македонија


Во Софија денес беше презентирана таканаречената „Бела книга за јазичниот спор меѓу Република Северна Македонија и Бугарија“ која треба да се преведе на неколку јазици и да се шири во светот за да ја засили бугарската пропаганда во однос на нашата држава и да ги убеди земјите во Европа во вистинитоста на аргументите околу бугарскиот карактер на нашиот јазик. 

„Белата книга“ за јазичниот спор  е напишана од тројца автори од Република Северна Македонија, тројца од Бугарија и по еден од Албанија и Србија. Во неа наводно се открива „систематско уништување или фалсификување на бугарското културно историско наследство и кршење на човековите права во минатото и денес“, но не даваат конкретни примери. Книгата го следи историскиот развој на бугарскиот јазик, а особено внимание се посветува на појавата на современиот бугарски литературен јазик и улогата на бугарските преродбеници родени на територијата на денешна Република Северна Македонија. Прикажани се, како што се тврди, современите фалсификати засадени меѓу помладата генерација преку тековните учебници. Дадени се примери за уништување на бугарските културно-историски споменици.

Во книгата се пишува и за божемниот масовен карактер на репресиите при наметнувањето на овие фалсификати и се дадени документи на Министерството за внатрешни работи во Скопје, со кои се потврдува наводниот прогон на бугарскиот литературен јазик во денешно време.

„Бугарија не смее да отстапи од својот став во врска со пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија“, изјави Спас Ташев од Институтот за население и човечки студии при Бугарската академија на науките за News.bg по презентацијата на „Белата книга“. Ташев смета дека со активна дипломатија Бугарија може да стекне пријатели околу спорот, но во моментов треба да биде ориентирана кон два правци – Австрија и Соединетите Држави. Негов впечаток е дека Бугарија, сепак, не работи на создавање бугарско лоби во Америка.

„Имаме стара емиграција, која има добри позиции во општеството, но никој не ги бара овие луѓе за да ги користи за активно бугарско лоби“, рече Ташев.

„Ставот дека се случил неповратен процес во Скопје не соодветствува во целост со вистината“, истакна тој и додаде дека додека работел на терен во Македонија открил три периоди на бугаризација. Запрашан од News.bg дали интеграцијата на РСМ може да доведе до влошување или прекин на дипломатските односи меѓу двете земји, Ташев рекол дека не смета дека може да дојде до таму.

„Односите генерално се многу лоши во моментот, но никогаш не биле добри“, оцени тој.

Според него, дури и во време на вербално декларираното пријателство меѓу двете земји, биле вршени „секакви безобразија“. Во пракса, Скопје, и покрај изјавите дека сака европска интеграција, спроведувало политика која е насочена против Бугарија и има двоен стандард. Затоа, смета тој, Бугарија треба да изврши меѓународен притисок врз режимот на Зоран Заев со цел да се смени неговата политика.

Главната цел на објавената „Бела книга“ е надминување на слабоста на бугарската надворешна политика – недостатокот на аргументација околу изнесениот став за идната европска интеграција на Скопје.

„Треба да ја пополниме оваа празнина, поради што книгата е главно насочена кон политичари, дипломати, научници, новинари, библиотеки и странски заедници, за да можат да се запознаат со тековните информации за антибугарските процеси што се случуваат таму“, порача Ташев.

„Веќе неколку дена има повици за ублажување на јазикот на напнатоста меѓу двете земји. Доколку се  постигне ваков траен резултат, тој ќе биде успех“, се надева  Ташев, според кого најголемата пропагандна лага е да се тврди дека нашата земја го оспорува идентитетот и јазикот на граѓаните во РСМ.  (Н.В.)