Објавен оглас за кариерно напредување на наставниците и стручните соработници


Вчера, МОН објави оглас за кариерно напредување на наставниците и за прв пат и за унапредување на стручните соработници.

„Во основното образование ќе напредуваат наставници во ментори, а веќе избраните ментори во советници, а стручните соработници за првпат во ментори. Во средното обраование првпат ќе има кариерно напредување. Ќе има и за наставниците и за стручните соработници унапредување во ментори“, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска на прес-конференција откако беше во посета на реновирањето на СД „Кузман Јосифоски  – Питу“, во центарот на Скопје.

Во основно образование 149 ментори ќе станат советници и 138 стручни соработници ќе прераснат во ментори. Во средно образование ќе има 88 ментори и 65 стручни соработници.

Во повикот е наведена и листата со општини и училишта во кои наставниите може да аплицираат за звање „ментор“.

Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку овој портал. Во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови. Крајниот рок за аплицирање е 23 септември 2025 година.

Во образовниот систем за првпат се воведе кариерен напредок на наставниците пред точно четири години. Ова подразбира стекнување повисок личен доход. Наставникот освен во ментор, може да напредува и во советник.

Кога влегува на работа во образование, наставникот најпрво е приправник, потоа станува наставник, па по седум години – наставник-ментор и наставник-советник. Во сите нивоа платата е сè повисока.

Членови на посебна комисија ќе ги бодуваат сите ангажмани на наставникот. Се земаат предвид и сертификатите од завршените обуки од последните пет години. Ако наставникот бил обучувач, тоа се бодува повеќе. Предност е и ако пишувал учебници.  Потоа, советник од Бирото за развој на образованието оди на час и ја следи работата на наставникот. Мислење за наставникот-кандидат, дава и училиштето, односно директорот.