Објавен јавен повик за реконструкција на 35 улици и патишта во 21 општина и Градот Скопје


Министерството за транспорт и врски го објави вториот повик за изведба на градежни работи за подобрување на инфраструктурата на локалните патишта во 21 општина и Градот Скопје во проценета вредност од околу седум милиони евра. Рокот за доставување на понудите е до 8 април годинава, по што ќе се изберат најповолните понудувачи.

Проектот за реконструкција и санација на локалните улици и патишта низ општините во земјава, како што информира министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната прес-конференција, е вреден 70 милиони евра, средства кои директно се вбризгуваат во општините во вид на грант со што се овозможува нивно развивање и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните. Неодамна се склучени договорите за првата фаза од првиот тендер во рамки на овој ист проект и до крајот на месецов, како што рече, почнува реконструкцијата на сите 27 улици од правата фаза во 17 општини за што ќе се инвестираат 4,4 милиони евра.

– Со вториот јавен повик се опфатени 35 улици и патишта во 21 општина и Градот Скопје со вкупна должина од 35,5 километри и проценета вредност од околу седум милиони евра за кои до Министерството за транспорт и врски е доставена комплетна техничка документација, рече Бочварски.

Предвидено е да се реконструираат, како што посочи тој, по една улица во Крива Паланка, Богданци, Гевгелија, Неготино, Кривогаштани, Крушево, Охрид, Дебрца, Маврово Ростуше, Конче и Чешиново Облешево, по две во Кавадарци, Македонска Каменица, Кочани, Штип и Шуто Оризари, три во Кичево, Делчево и Василево и четири улици во Демир Капија. Во Град Скопје е предвидено да се изврши првата фаза од реконструкцијата на булеварот „Киро Глигоров“ на потегот од мостот близнак до надвозникот на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба.

– Очекувам дека ќе имаме успешен повик согласно правилата на Светска банка и ќе избереме најповолни понудувачи, кои во оваа градежна сезона активно ќе работат на реконструкција на овие улици за кои до Министерството за транспорт и врски е доставеа комплетна техничка документација. Висината на распределените средства е различна за секоја општина и е утврдена согласно методологија воспоставена заедно со Светска банка. Како критериум земени се бројот на население, бројот на населени места во општината, површината на општината и бројот на регистрирани моторни возила во матичната општина, потенцира Бочварски и додаде дека според овие критериуми на секоја општина на располагање и стојат од 500 илјади евра до два милиони евра.

Во првиот и во вториот повик, посочи Бочварски, се инвестирани над 11 милиони евра за реконструкција на 62 улици во општините со вкупна должина од 60 километри, а веќе се работи и на третиот тендер од овој проект.

– Од општините се очекува да подготват и достават квалитетни, навремени и брзи проектни документации до Министерството за транспорт и врски за да може навремено да се процесуираат и да ги искористат сите неповратни планирани средства што им следуваат. Општините сами ги определуваат своите приоритети за реконструкција на нивните улици и патишта, а Министерството ги распишува повиците согласно правилата на Светска банка, потенцира Бочварски.

Овие јавни повици, прецизира министерот, практично се грантови што им ги дава централната власт на општините од заемот од 70 милиони евра од Светска банка за реконструкција и санација на локалните улици и патишта низ општините во земјава. Партите од заемот се наменети за реконструкција на локални улици и патишта за подобрување на комуникацијата внатре во општините и секоја од општините има фиксна сума колку има на располагање и согласно тие средства треба да поднесува проекти се додека не се реализираат сите средства. Парите се веќе повлечени во Буџетот, а општините доставуваат проекти до Министерството за транспорт и врски кое во согласност со Светска банка им ги одобрува и плаќа за реализираниот проект при што општините воопшто немаат допир со парите.