Обезбедени повеќе ЦЕМТ дозволи за 2025 година


За 2025 година има зголемување на бројот на дозволи и на располагање имаме 1.750 годишни ЦЕМТ дозволи што е за 70 повеќе од оваа година. За следната година на располагање имаме и 2.736 месечни ЦЕМТ дозволи и тоа 720 за ЕВРО 5 и 2.016 за ЕВРО 6, порача заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири на 19. Средба на камионските превозници во организација на Асоцијацијата Макам-транс и додаде дека и во иднина ќе продолжи поддршката од Владата за транспортниот сектор.

Владата, како што кажа, во транспортерите гледа партнер со кој заедно ги креираат транспортните политики и создаваат услови за подобри услови  за работа во оваа дејност.

-Развојот на вашите компании и зачувувањето на работните места се многу важни за одржување на стабилноста на економијата и затоа преземаме иницијативи и активности за да обезбедиме непречен и континуиран транспорт, рече Зеколи Шаќири.

Нагласи дека Министерството за транспорт разви нов систем за распределба на дозволите кој е поефикасен од претходниот и по првпат е поврзан со Агенцијата за вработување и Централниот регистар.

-Во периодот што следи ќе продолжиме да се поврзуваме и со други институции и очекуваме целисходност и непреченост на функционирање на системот со дозволи. Направена е и промена со која се сменети критериумите за аплицирање за ЕКМТ дозволи, потенцира Зеколи Шаќири и додаде дека се преговара со неколку држави за зголемување на квотите за дозволи.  

Директорот на Царинската управа Бобан Николовски ја поздрави добрата соработка со Макам-транс и со останатите транспортни асоцијации и информираше за неколку тековни проекти што, како што рече, значително ќе ја олеснат работата на превозниците. 

-Воведувањето на Системот за видео надзор и препознавање на таблички, автоматски ќе алармира кога одредена лента на граничен премин е преоптоварена и ќе овозможи брза реакција и намалување на времето за чекање на граница. Во тек е воведување на телесни камери за царинските службеници, со цел дополнително следење на завршување на постапките и контролите, а со тоа намалување на корупцијата, рече Николовски. 

Посочи дека интензивно се работи на започнување на проект за Автоматизација на терминалите, што вклучува целосна замена на постоечките ваги и рампи со нови дигитални ваги и автоматизирани рампи, а, како што кажа, во тек се реконструкции на три гранични премини и се чека на отворање на два нови кон Бугарија и Грција. 

-Усогласени се смените со Агенција за храна и ветеринарство, што за превозниците значи значително забрзување на протокот на стоки на клучните гранични премини,… Од август оваа година  воспоставен е директен линк на модулот на Макам-транс за пријавување мито, корупција и мигранти со Царинскиот дежурен оперативен центар, што овозможува да се реагира во реално време и да се спречат коруптивни појави и недозволени дејства, рече Николовски.

Нагласи дека очекува соработката со економските оператори да се одвива во континуитет, со посветеност и разбирање на сите нивоа од страна на Царинска управа, но и од страна на стопанството.

Генералниот секретар на Макам-транс Билјана Муратовска истакна дека е потребно на право место и на прав начин да се детектираат и да се пренесат проблемите со кои се соочуваат превозниците за да може да се најде решение и да се спроведе визијата на директорот на Царинска управа за заедничка соработка со превозниците.

-Никој, ни Министерството за транспорт ни Царинската управа, не вели дека проблемите може да се решат преку ноќ, меѓутоа ако со заеднички сили се потрудиме и детектираме проблеми кои се јавуваат, мислам дека ќе имаме напредок во секој поглед на соработка меѓу себе, рече Муратовска.