Избори или 80 гласа „за“– што ќе означи ѕвончето на Заев
Почиста слика околу тоа дали Македонија е поблиску до нова промена на Уставот или до вонредни избори се очекува да се исцрта на денешното – трето продолжение на седницата за пристапување кон уставни измени, што веројатно ќе биде и последно – барем во оваа фаза од постапката. Дали ќе има нова седница на оваа тема во овој состав на законодавниот дом, односно дали ќе се пристапи кон втората фаза од процедурата за уставни измени или потребното двотретинско мнозинство ќе се „брка“ на нови избори зависи од гласањето по завршувањето на расправата.
Последните информации од парламентот, од вчера доцна попладне, беа дека се големи шансите уште денеска, по завршувањето на пленараната расправа, да се премине на гласање за тоа дали ќе се пристапи кон уставни измени. Таквите навестувања, заедно со оптимистичките сигнали што дојдоа од таборот на парламентарното мнозинство, ги подгрејаа прогнозите дека е обезбедено поптребното квалификувано мнозинство, односно дополнителните десетина гласа што се бараа од опозицискиот камп. Одредена доза на несигурност, сепак, внесе изјавата на премиерот Зоран Заев дека верува во чуда, што може да се толкува и како порака дека потребното мнозинство е на дофат, ама не е сѐ уште комплетирано.
-Јас сум верник и верувам, некогаш и чуда се случуваат, изјави Заев во однос на тоа дали веќе има обезбедено двотретинско мнозинство.
Тој рече дека се надева оти пратениците ќе смогнат сили и ќе се охрабрат да ги поддржат уставните измени. Во изјавата што ја даде во Муртино, струмичко, каде што присуствуваше на 20-годишнина од отворањето на штедилница, Заев повтори дека е подготвен да прифати и дел од забелешките на опозицијата во понатамошниот тек на промената на Уставот, со цел да се добијат повеќе гаранции за заштита на идентитетот и процесот да заврши со консензус.
На настанот на кој присуствуваше, премиерот, како што пренесе МИА, добил ѕвонче како подарок, по што посакал со со него денеска да означи дека е обезбедено двотретинско мнозинство во парламентот и дека Македонија чекори кон членство во ЕУ и НАТО.
Пратеничката група на СДСМ одржа вчера прес-конференција во парламентот, во полн состав, повикувајќи ги колегите од ВМРО-ДПМНЕ да ја искористат, како што беше речено, историската шанса, да дадат подршка и да ја обезбедат иднина на државата.
-Како пратеници, имаме одговорност пред граѓаните кои не избрале да ја почитуваме мнозинската волја на референдумот, да го продолжиме процесот и да ги усвоиме уставните измени. Алтернатива не постои, секој друг предлог за друг пат на Македонија значи туркање на нашата држава во нови изолации и кризи. Македонија припаѓа на западниот свет, без разлика што Христијан Мицкоски има проблем со тоа, рече координаторот на СДСМ, Томислав Тунтев Тој оцени дека ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ е исто,а, како што рече, можеби и полошо од претходното предводено од Никола Груевски.Но затоа, како што наведе, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса да се издигнат над ставот на антизападниот партиски лидер и да се приклучат во процесот што обезбедува европска иднина.
-Ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжи по секоја цена да ја блокира иднината на државата тогаш неизбежни се предвремени парламентарни избори организирани веднаш.Граѓаните ќе ја донесат одлуката, со огромно мнозинство ќе победи опцијата за иднината, Македонија ќе биде дел од НАТО и ЕУ, рече Тунтев.
Посебна прес-конференција одржа и пратеничката група на владејачката ДУИ, чиј пратеник Артан Груби рече дека сите 120 пратеници ветиле дека ќе придонесат за членство на Македонија во НАТО и во ЕУ и за надминување на спорот со Грција.
-Убедени сме дека и сите ќе дадат глас за уставните измени, изјави Груби.
Тој очекува сите пратеници да се вразумат, но не прецизира дали ДУИ ќе поддржи распуштање на Собранието за распишување предвремени избори ако не се обезбеди двотретинско мнозинство.
– Ставот околу изборите е дека тие не се решение. Решението е Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО што побрзо. По исцрпување на дебатата, треба да ги поддржиме амандманите. Сите 120 заедно да ги напишеме со екперти со новинари со цела академска заедница, рече Груби.
Уште десетина пратеници, според последните информации од вчера доцна попладне, се останати на листата на дискутанти за предлогот за пристапување кон уставни измени. Речиси сите пратеници што останаа за дискусија се од редовите на парламентарното мнозинство, со исклучок на една пратеничка од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, односно Владанка Авировиќ од СПМ. Другите пријавени пратеници од опозицијата, во меѓувреме, се откажаа од учество во расправата.
По еден ден пауза, расправата за пристапување кон уставни измени, ќе продолжи денеска напладне. Проценките се дека расправата најверојатно ќе заврши во текот на денешниот ден – на третото продолжение на 61 седница – која почна во понеделникот, иако, според Деловникот, таа може да трае максимум десет дена. Првичните најави се дека е можно веднаш потоа да се пристапи кон гласање.Според наши информации, реални се шансите гласањето да се реализира уште утре, иако технички е изводливо и се остава можност тоа да се пролонгира и за некој од наредните денови, по затворањето на расправаат, а со оглед на неизвесноста што владее сѐ уште во однос на тоа дали е обезбедено квалификувано мнозинство за донесување на владиниот предлог. За да се пристапи кон промена на Уставот, согласно со договорот од Преспа, во првата фаза од постапката треба да се обезбеди двотретинска поддршка, односно најмалку 80 гласови.
Александра М. Митевска
Фото: Б. Грданоски