Ново истражување открива зошто некои луѓе полесно настинуваат од другите
Нова студија на научници од Медицинскиот факултет на Јеил открива дека не е самиот вирус на настинка (риновирус) тој што одредува дали ќе „преживееме“ или ќе завршиме со тешки симптоми.
Клучот е во раната имунолошка реакција на телото, поточно во тоа како нашето назално-мукозно ткиво реагира на инфекција.
Водачот на истражувањето, д-р Елен Фоксман, долго време го проучува имунолошкиот одговор на респираторните вируси, а особено била мотивирана од личното искуство – нејзиниот мал син има астма, чиј најчест предизвикувач е риновирусот. Традиционално, се сметало дека алергиите предизвикуваат напади на астма, но подобрените методи за откривање на вируси покажаа дека риновирусот е всушност главната причина.
Научниците во лабораторија одгледувале модели на човечко назално ткиво кои имитираат вистински мукозни мембрани и ги инфицирале со риновирус. Преку современи методи како што е секвенционирање на РНК на поединечни клетки, тие откриле дека ако носните клетки брзо произведуваат интерферон – протеин што го запира ширењето на вирусот – инфекцијата останува локализирана и предизвикува благи симптоми. Во овие случаи, помалку од два проценти од клетките се инфицирани, па затоа едвај ја чувствуваме болеста.
Сепак, кај луѓе со послаб одговор на интерферон, вирусите се шират многу повеќе, активирајќи поагресивни воспалителни процеси што доведуваат до зголемено производство на слуз, оштетување на дишните патишта и посериозни симптоми, особено кај луѓе со астма или хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).
„Не е само вирусот тој што ја одредува сериозноста на болеста – нешто во самото тело го диктира исходот од инфекцијата“, вели Фоксман.
Научниците сега сакаат да откријат зошто некои луѓе природно имаат посилен одговор на интерферон, додека други немаат – ова би можело да отвори врата за нови терапии за да се спречи драматичната клиничка слика на обичната настинка.
Истражувањето е објавено во престижниот магазин Cell Press Blue и е една од најдеталните студии досега за тоа како нашиот имунолошки систем одлучува на самиот почеток дали обичната настинка ќе остане безопасна или ќе се развие во сериозен здравствен проблем.