Ново чудо на Јапонците – ја победија и Шпанија. Германците се враќаат дома


Јапонците се најголема сензација во Катар

 

Започна со изненадување, а заврши со изненадување. Фудбалските репрезентации на Јапонија и Шпанија ги освоија првите две места во групата Е на Светското првенство и се пласираа во нокаут фазата на Светското првенство во Катар. Аут се Германија и Костарика.

Германија пред третото коло беше последна на табелата со само еден освоен бод, откако доживеа сензационален пораз од Јапонија (1:2) и освои бод во дербито со Шпанија (1:1).

Во решавачкиот имаше улога на фаворит и ја совлада Костарика, но Шпанија зачудувачки загуби од Јапонија иако водеше со 1:0а, па конечниот редослед е следен: 1. Јапонија со шест бода, 2. Шпанија со четири, 3. Германија исто така со четири, но со полоша гол-разлика, додека Костарика е последна четврта со три бода. Така Јапонија победи две исклучително силни репрезентации и светски шампиони, Германија и Шпанија, а несреќно загуби од Костарика.

Како прва во групата Е, Јапонија во осминафиналето ќе игра против втората од групата Ф, а тоа е Хрватска, додека Шпанија ќе игра како втора против првата од групата Ф – Мароко.

Германија на стадионот Ал Бајт во Доха во исклучително возбудлив меч на победи Костарика со 4:2, иако едно време губеше соо 2:1. Но тоа беше празна утеха за германците, тие мора да си заминат дома по првата фаза, како и пред четири години на Мундијалот во Русија.

Вториот натпревар од оваа група се одигра на стадионот Калифа во Ал Рајан.

Се чинеше дека и Шпанија ќе ја оправда улогата на фаворит против Јапонија, но не беше така.

Одлучуваа милиметри дали ќе биде поништен голот на Јапонија

Шпанците поведоа со голот на Алваро Мората во 12. минута и со тој резултат се замина на пауза.

„Самураите“ за само три минути целосно го сврте резултатот. Во 48. минута резервистот Рицу Доан постигна гол, а три минути подоцна истиот играч ја започна акцијата од која Ао Танака ја затресе шпанската мрежа. Остана дилемата дали асистентот при тој гол Каору Митома успеал да ја додаде топката пред таа да излезе од теренота. Следеше проверка на ВАР, на која беше констатирано дека топката не го поминала целиот обем, а следуваше големо славје кај навивачите на Јапонија – 1:2!

Буквално одлучија неколку милиметри.

Тој гол и пресвртот како целосно да ги шокираа Шпанците, кои до крајот на мечот се обидуваа барем да израмнат, но не успеаја. Само кружеа немочно околу шеснаесетникот на Јапонците и не беа опасни. Бадијала им беше што имаа посед од 82 отсто, нивната игра беше бесцелна.

Дали беше пресметката на Црвената фурија и изборот на противникот, сигурно ќе биде полемика во наредните денови, но Јапонија е сензационалниот победник во групата.