Новиот британски премиер сака подобра трговија со ЕУ. Тој преговара за договор во Германија


Британскиот премиер Кеир Стармер пристигна во Берлин вчера вечерта, во својата прва странска билатерална посета по преземањето на власта во средината на јули. Лидерот на лабуристите стана премиер во јули, по 14 години владеење на конзервативците во кои Велика Британија ја напушти Европската унија. Стармер ја отфрла можноста повторно да се приклучи на европскиот единствен пазар, царинската унија и зоната за слободно движење.

Но, лабуристите сакаат да го обноват односот на доверба меѓу Лондон и европските престолнини, да договорат нов безбедносен пакт и да ги зајакнат трговските врски со 27-те членки на ЕУ. Тој утрово ќе преговара за нов билатерален договор со германскиот канцелар Олаф Шолц, со цел тој да биде усвоен на почетокот на следната година. Целта на договорот е зајакнување на трговската размена, безбедносната соработка и заедничката борба против „илегалната имиграција“, соопшти Даунинг стрит.

На крајот на јули, Лондон и Берлин се обврзаа на поблиска соработка во одбранбените и безбедносните прашања, со декларација што беше претставена како прв ваков договор меѓу двата сојузници на НАТО, а која особено треба да ја зајакне воената индустрија на двете земји, пишува Агенцијата Франс прес.

Новиот договор за кој ќе се разговара денеска претставува „можност што се појавува еднаш во генерација за редефинирање на односите со Европа“, ќе им кажат лабуристите на социјалдемократите, објави Даунинг стрит.

Стармер вечер ќе отпатува за Париз, каде ќе учествува на свеченото отворање на Параолимпијадата. Ден подоцна во Елисејската палата ќе биде примен од францускиот претседател Емануел Макрон.