Нови сведоштва: Пет месеци чекаат обесштетување за нереализирана тура за Рим
Уште седум лица се обратија во редакцијата на „Независен весник“ по објавувањето на сторијата за лажниот аранжман за Истанбул на двете македонски студентки кои уплатиле патување и сместување преку агенцијата „Одмори се“, а добиле само авионска карта во еден правец.
Во другиов случај, станува збор за граѓани кои минатата година уплатиле туристички аранжман за Рим преку истата агенција. Тие побараа да останат анонимни, но ни ги доставија сите детали, електронската комуникација, уплатници и фактурите.
Патувањето требало да се реализира за празникот 11 Октомври минатата година, но некаде кон средината на септември биле известени дека се откажува. Образложението на „Одмори се“ било дека поголема група адвокати кои имале резервации за аранжманот се откажале од него и дека без нив агенцијата не е во можност да го реализира патувањето.
На нашите соговорници им било ветено дека парите ќе им бидат вратени, но досега тоа не се случило. Тие велат дека немале ниту договор со агенцијата, која претходно им ветувала дека ќе им го испрати по електронска пошта.
„Заедно со мојата сопруга и уште еден пар наши пријатели сакавме празничниот викенд да го поминеме во Рим. Кон крајот на август уплативме за турата која чинеше по околу 32 илјади денари за две лица без факултативните програми. Кон средината на септември ни кажаа дека турата не може да се реализира и дека парите ќе ни ги вратат. Еве, пет месеци подоцна ние уште си ги бараме парите, но не ни се вратени, ниту нам ниту на пријателите“, вели нашиот соговорник од Струмица.
Тој случајот го пријавил и во Државниот пазарен инспекторат, од каде што бил известен дека реагирале околу пријавата, но досега нема ниту казна за сопственикот на агенцијата, ниту обесштетување на корисниците на неговите услуги.
Другите три соговорнички доаѓаат од помал град од истокот. Тие уплатиле 43.524 денари за три лица за истата тура за Рим што требало да се реализира за 11 Октомври. Дека турата нема да се оствари, дознале кога се јавиле во агенцијата да прашаат кога да ги уплатат дополнителните пари за факултативните излети, бидејќи сакале комплетен аранжман.
„Ни рекоа дека штотуку сакале да ни јават дека нема да се реализира турата и дека ќе ни ги вратат парите. Образложението беше дека поголема група адвокати се откажале од резервацијата и дека поради тоа не се во можност да ја реализираат. Ни ветија дека парите ќе ни ги вратат, но нема ништо од тоа“, раскажува нашата соговорничка. Додава дека во комуникацијата со сопственикот на агенцијата постојано им се ветува оти парите ќе им бидат вратени.
Од друга страна, пак, сопственикот на „Одмори се“, Ненад Марковски, за „Независен весник“ тврдеше дека на сите им се вратени парите околу овој случај. На забелешката дека седум луѓе сепак тврдат дека не се обесштетени, тој ни одговори: „Не знам точно кои се. Знам дека имаше пријава од неколкумина во пазарна инспекција, но не се сеќавам точно колку. Ме повикаа во пазарната инспекција и им кажав дека поради тоа што немам работа тешко ќе оди враќањето, но дека ќе им бидат вратени уплатите. Бројката од седум патници мислам дека не е точна. Им должам на неколкумина“.
Марковски дообјаснува дека должник е фирмата, но бидејќи е блокирана, тој ветил дека парите ќе им ги врати од негова лична сметка, но таа процедура ќе оди побавно.
Ова не се единствените случаи на граѓани кои имале непријатности со „Одмори се“. Во ноември 2017 година, веб-порталот МКД.МК објави приказна од момче и девојка од Скопје кои заминале преку оваа агенција, тогаш со име „Одморисе.мк“ на туристичко патување за Тајланд, но останале без платен хотел и превоз за назад. Тогаш скопската двојка најави тужба, а сопственикот Марковски ги демантираше нивните изјави и најави контратужба за клевета. Не е познато дали овој случај има правна разврска.
Минатата година, пак, во месец април, телевизијата 24 објави дека седум средношколци и еден наставник од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Скопје останале заглавени на аеродромот во Хановер, бидејќи им било кажано дека нема место во авионот. Тие биле на тридневна екскурзија со аранжман преку „Одмори се“. Заглавените средношколци биле пренесени до Хамбург и од таму барале лет за Скопје. Тогаш од споменатава туристичка агенција рекоа дека одговорност ќе бараат од авиоагенцијата.
Ивана Настеска