Нови правила за влез во ЕУ: Што треба да знаете

Печатот на пасошите ќе биде укинат, бидејќи сите податоци ќе бидат евидентирани дигитално


Целосното спроведување на новиот систем за влез во ЕУ започнува на 10 април. Доколку не сте биле во земјите во Шенген зоната од средината на октомври, еве што треба да знаете.

Од 10 април започнува целосната примена на новиот систем за контрола на влез во Европската Унија, кој важи и за граѓаните на Македонија од октомври минатата година. Станува збор за дигитален систем за регистрација на патници кој ја менува досегашната практика на преминување на границата и воведува построга контрола на престојот во Шенген зоната.

Граѓаните на Македонија, како и на другите земји кои не се членки на ЕУ, во иднина, покрај своите пасоши, ќе даваат биометриски податоци – отпечатоци од прсти и фотографија од лицето – при влегување во земјите од Шенген зоната.

Системот за влез и излез (ЕЕС) важи за сите патници кои доаѓаат за краткорочен престој до 90 дена во период од 180 дена, без оглед на тоа дали патуваат за туризам или бизнис.

Што точно се менува

На граничните премини, вклучувајќи ги аеродромите и патните правци, патниците ќе бидат регистрирани во системот, евидентирајќи: име и податоци од пасошот, биометриски податоци, датуми на влез и излез, како и евентуални пречекорувања на дозволениот престој.

Ова исто така значи дека печатот на пасошите ќе биде укинат, бидејќи сите податоци ќе бидат евидентирани дигитално.

Европската комисија наведува дека новиот систем ќе овозможи побрзи контроли, но и подобро откривање на злоупотреби, вклучувајќи пречекорување на дозволениот престој и лажни идентитети.

Според достапните податоци, од почетокот на примена на системот, на десетици илјади патници веќе им е одбиен влез поради неточна документација или сомнителна причина за патувањето, додека неколку стотици се обележани како потенцијален безбедносен ризик.

Застој на границите и предупредување до патниците

За македонските граѓани кои патуваат, особено за време на туристичката сезона, се препорачува да пристигнат на аеродромите порано од вообичаеното, бидејќи постапката може да потрае подолго, особено во почетната фаза на целосна примена на системот.

Во случај на големи редици, земјите-членки можат привремено да го вратат стариот режим на контрола, но ова се очекува само во исклучителни ситуации.

Што ако патувате со автомобил или сте професионален возач

Граѓаните кои влегуваат во ЕУ по пат ќе мора да излезат од своето возило и да дадат биометриски податоци на граничниот премин при првиот влез по 10 април.

Оваа постапка важи и за возачите на камиони и автобуси, со можност за делумна дигитална регистрација за професионалните возачи.

Според Министерството за внатрешни работи, од страна на Граничната полиција на нашата држава  преземени се сите потребни мерки и активности, односно ставени се во функција сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси, со цел обезбедување брз и непречен проток на патници на нашите гранични премини.

– Граничната полиција ќе постапува со засилена ангажираност на терен, континуирано ќе ја следи состојбата, ќе презема соодветни мерки за одржување на проточноста на сообраќајот и ќе ги информира граѓаните за сите важни информации поврзани со примената на системот, информираа од МВР.

Со оглед дека новиот електронски систем на ЕУ – EES, беше во функција на влезните гранични премини во Шенген зоната и претходно, голем број од професионалните возачи се регистрирани во него, според претседателката на „Макамтранс“ Билјана Муратовска,  не се очекуваат зголемени застои и тесни грла на граничните премини за товарниот сообраќај од вообичаените, што, потенцира, не е случај со превозот на патници и патничките возила.

– Насоките за професионалните возачи, но и за вработените во превозните трговски друштва е редовно следење и броење на денови на престој во последните 180 дена, со правилно организирање на соодветна динамика за безбедно користење на превозните средства, со цел да не се појават проблеми и застој на територија на Шенген зоната, вели Муратовска.

Таа појаснува дека од 10 април ќе започне комбинирано броење на денови за престој особено за професионалните возачи, што значи се до истекување на 180 дена  (10 октомври) ќе се користат податоци од електронскиот систем, но ќе се бројат и печатите евидентирани во патните исправи се додека не се овозможи добивање на работни визи од одредени држави со кои ќе се надминат проблемите до дефинитивно усвојување на новата  Визна стратегија, каде возачите се признаени како професионалци. 

ЕТИАС од 2026 година: Нова обврска и дополнителен трошок

Покрај системот ЕЕС, планирано е воведување на дополнителен систем – ЕТИАС – од октомври 2026 година, кој ќе претставува претходно овластување за патување во ЕУ.

Граѓаните на Македонија ќе мора да поднесат онлајн барање пред да патуваат, со надомест од 20 евра. Системот ќе вклучува проверка на безбедносните податоци, историјата на патувања и основните лични информации.

Во повеќето случаи, одобрението ќе пристигне во рок од неколку минути, додека во посложени случаи постапката ќе трае до 72 часа.

Што значи ова за Македонија?

Иако македонските граѓани сè уште можат да патуваат без виза во земјите од Шенген зоната, новиот систем носи многу построга контрола и поголема одговорност за патниците.

Во пракса, ова значи помала флексибилност на границите, но и поголема безбедност и подобра контрола на миграцијата во рамките на ЕУ.

За туризмот и деловните патувања, клучниот предизвик во наредниот период ќе биде прилагодувањето на новите процедури и избегнувањето на застои на границите, особено во текот на летната сезона.