Нова демократија со убедлива предност на европските избори во Грција
Нова демократија со 27,58 отсто е прва на европските избори во Грција, според официјалните резултати од Министерството за внатрешни работи, надлежно за изборниот процес, со преброени 40 проценти од гласовите, СИРИЗА добива 14,70 отсто, а ПАСОК 13,43 проценти, јави дописничката на МИА од Атина.
Вкупно осум партии успеаја да го поминат изборниот праг од три отсто, неопходни за да обезбедат место во Европскиот Парламент, меѓутоа конечниот распоред на европратеничките места и тоа која партија колку европратеници ќе добие, ќе се знае доцна вечерва.
Согласно официјалните резултати со пребројани 40 отсто од гласовите:
Нова демократија добива 27,58 отсто
СИРИЗА 14,70 отсто
ПАСОК 13,43 отсто
Грчко решение од 9,92 отсто
Комунистичка партија 9,28 отсто
Победа 4,43 отсто
Курс на слободата 3,38 отсто
Глас на логиката 3,04 проценти
Во споредба и со ланските парламентарни избори и со евроизборите пред пет години, првите три партии денеска добија помала поддршка, додека пак радикално десничарската Грчко решение е четврта политичка сила во Грција.
На европските избори во 2019 година Нова демократија доби 33 отсто од гласовите и осум европратеници, СИРИЗА беше втора со 23,75 проценти и шест пратенички места, ПАСОК, Комунистичката партија и Златна зора имаа по двајца европратеници, а Грчко решение еден претставник во Европскиот Парламент.
На ланските парламентарни избори, Нова демократија освои 40,56 отсто, СИРИЗА доби 17,83 проценти, а ПАСОК 11,84 проценти.