Нов подвиг на д-р Кедев, го искачи Лоце, досега освои десет од 14 највисоки врвови во светот


Познатиот македонски кардиолог и алпинист, д-р Сашко Кедев се искачи на Лоце (8.516 метри), четвртиот највисок врв во светот. Со овој подвиг, тој до сега освои десет од 14 највисоки врвови во светот, над 8.000 метри. Пред само десет дена д-р Кедев се искачи и на Макалу висок 8.463 метри. Следна цел на д-р Кедев е врвот Кенечунга, висок 8.586 метри.

За овој алпинистички успех, извести и Имаџин Непал, водечки оператор во трекинг и искачување на врвови во Непал, кои на Фејсбук му честитаа на д-р Кедев за искачувањето и ги навестија неговите идни планови.

„Сакаме да му честитаме на нашиот пријател д-р Сашко Кедев од Македонија за успешното искачување на четвртата највисока планина во светот на 13 мај 2024 година во 7:33 часот NPT. За д-р Сашко, Лоце е неговиот втор врв од 8000 метри за оваа сезона. На 5 мај 2024 година, тој стигна до врвот Макалу со уште тројца меѓународни планинари и четворица шерпаси од Imagine Nepal. Вклучувајќи го и врвот Лоце, д-р Сашко освои 10 од 14-те највисоки врвови во светот. Неговиот следен потег е кон третиот највисок врв Канченџунга“, напишаа од Имаџин Непал.

Инаку, до сега д-р Кедев ги има искачено Монт Еверест (8848 метри), K2 (8611 метри), Лоце (8516 метри), Макалу (8463 метри) Чо-Оју (8201 метри), Даулагири (8167 метри), Манаслу (8163 метри) Нг Парбот (8125 метри), Анапурна (8091 метри), Броуд Пик (8047 метри).

Следни за искачување се Канченџунга (8586 метри), Гашербрум I (8068 метри), Гашербрум II (8035  метри) и Сишапангма (8013 метри).