Норвежанец се разбудил наутро и затекнал брод долг 135 метри во својот двор

Голем контејнерски брод се насука во дворот на еден човек во Норвешка во четвртокот. Според Би-Би-Си, контејнерски брод долг 135 метри за малку ја промашил куќата на Јохан Хелберг во Бинесет, во близина на Трондхајм.
Несреќата се случила во раните утрински часови, а Хелберг спиел во текот на целата несреќа. Го разбудил еден испаничен сосед кој го видел бродот како јури кон куќата на Хелберг. Хелберг им изјави на медиумите дека не слушнал никаков удар, но бил шокиран кога низ прозорецот видел огромен брод во дворот. Тој исто така открил дека бродот бил на само пет метри од удар во спалната соба.
Соседот Јоштајн Јоргенсен рече дека го разбудил звук на брод што се движел кон копното со полна брзина. Тој истрчал до куќата на соседот за да го предупреди, но Хелберг цврсто спиел и не ја отворил вратата. „Бев сигурен дека веќе е надвор, но не, го немаше таму. Многу пати заѕвонив на вратата и ништо. Дури кога го повикав по телефон, се јави и му кажав што се случило“, изјави Јоргенсен за норвешката телевизиска станица ТВ2.
На товарниот брод, кој пловел под кипарско знаме низ Трондхајмскиот фјорд до Оркангер, имало 16 лица кога излетал од курсот, но никој не бил повреден кога бродот удрил во копно. Сè уште не е познато како се случила несреќата, а норвешката полиција истражува. Шефот на компанијата НЦЛ, која е сопственик на бродот, изјави дека станува збор за сериозен инцидент, но дека се задоволни што никој не е повреден. „Во овој момент не знаеме што го предизвикало инцидентот и чекаме заклучок од тековната истрага“, рече директорот Бенте Хетланд.
Според извештаите, бродот претходно се насукал во 2023 година, но успеал да се ослободи сам со свој погон.