Норвешка – најзатворената земја во Европа во моментов


На повеќето странски државјани им е забранет влез во земјава, а на Норвежаните не им е забрането патување, но мора да одат до десетдневен карантин по враќањето. Таквиот режим ќе биде во сила најмалку до 20 август

 

„Мислам дека нема да ја видам повторно жива“, загрижено вели Бетина Винтермарк за нејзината мајка која умира во Франција. Земјата во која живее, Норвешка, сè уште го ограничува патувањето во странство.

Скандинавската држава, која брзо ја доведе под пандемијата под контрола, упорно се спротивставува на повиците за укинување или барем за олеснување на патните ограничувања, што веројатно ја прави најзатворената европска земја во моментот.

На повеќето странски државјани им е забранет влез во земјава, а на Норвежаните не им е забрането патување, но десетдневен карантин е задолжителен при враќањето. Таквиот режим ќе биде во сила најмалку до 20 август.

Како резултат, Норвежаните нема да го впиваат сонцето на медитеранските плажи ова лето. Премиерката Ерна Солберг го откажа и планираниот одмор во Шпанија.

За некои, ова создава многу посериозни проблеми. Таква е ситуацијата со Винтермарк која не може да ја посети сериозно болната 84-годишна мајка во Бордо, Франција. Лекарите предвидуваат уште неколку недели од нејзиниот живот.

„Тоа е ноќна мора“, вели 59-годишната фризерка.

„Ако Норвешка немаше такви строги мерки, веднаш ќе заминев“.

Бордо е само на два часа лет од Осло. „Но, кратките патувања во Франција отпаѓаат бидејќи не можам да одам во карантин секој пат“, вели Винтермак.

Од истата причина, свадбата на нејзиниот син, закажана за 20 јули исто така во Бордо, е одложена за понатаму.

Во Норвешка, земја со 5,5 милиони луѓе, само 248 луѓе починале од коронавирус. Властите таму не сакаат да ризикуваат повторно да го увезат вирусот и да фрлат во ветер сè што е постигнато во борбата против пандемијата.

„Многу луѓе се тажни и фрустрирани“, признава министерката за правда Моника Меланд, координаторот на владината реакција на пандемијата.

„Ние не го правиме ова за да ги нервираме луѓето, туку да ја задржиме ситуацијата апсолутно под контрола“, рече таа.

Во единствената концесија досега, Норвешка дозволи патување во Данска, Финска и Исланд.

Туристичката индустрија, пак, побара бргу да се укинат ограничувањата за Германија, од каде во Норвешка доаѓаат дури четвртина од туристите.

„Отворањето на земјата ќе биде најдобриот план за норвешкиот туристички сектор“, рече првиот човек на националната канцеларија за туризам, Пер-Арне Туфтин.

На Норвежаните сè уште не им се препорачува да патуваат во соседна Шведска која има помек пристап во борбата против пандемијата и сè уште има висока стапка на инфекција. Тоа е разочарување за 12.000 норвешки семејства кои имаат викендички во Шведска.

„Повеќето викендички се во шума или покрај вода, изолирани, никого не гледате и сигурно сте побезбедни отколку во Осло“, вели Еинар Рудаа кој започна група на Фејсбук, која сега брои 6.000 членови, незадоволни од постапките на норвешката влада.

Друг знак на „бунт“ кај инаку кај населението кое доселдно ги почитува мерките на владатак, е најавата од 5,4 проценти од Норвежаните дека имаат намера да ги кршат владините мерки, според едно истражување. (Хина)