Њујорк Тајмс: Иран се подготвува за војна со Израел, но се обидува и да ја избегне
Техеран – Иран се подготвува за војна со Израел, кој најави одмазда за иранскиот ракетен напад, но, исто така, се обидува да избегне ширење на конфликтот, пишува Њујорк Тајмс, повикувајќи се на ирански претставници.
„Иран им нареди на вооружените сили да бидат подготвени за војна, но и да се обидат да ја избегнат“, пишува весникот, цитирајќи четворица ирански претставници кои рекоа дека иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи им наредил на иранските вооружени сили да направат повеќе планови како одговор на очекуваната израелска одмазда.
Иранските власти предупредија дека Иран ќе изврши напад врз Израел доколку израелската армија одговори со жртви или значителна штета.
Официјалните лица, од кои двајца припаѓаат на иранскиот Корпус на револуционерната гарда, рекоа дека Иран дефинитивно ќе одговори доколку Израел нападне ирански нафтени локации, нуклеарни постројки или цел на високи функционери.
Како опции за одговор на еден таков напад од страна на Израел, официјалните лица наведуваат напад врз Израел со 1.000 балистички ракети или прекин на снабдувањето со енергија во регионот, пишува весникот.
На 1 октомври, Иран лансираше повеќе од 180 ракети кон Израел, наведувајќи дека тоа е одмазда за убиствата на лидерите на милитантните групи Хамас и Хезболах, како и за агресијата во Газа и Либан.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека Иран ќе плати скапа цена за нападот.