Низ цел свет кружат фалсификувани вакцинални сертификати


Голем број луѓе низ светот се поподготвени да ризикуваат да бидат фатени во фалсификат, отколку да направат ПЦР тест за патување или да примат вакцина. 

Речиси секаде, вклучувајќи ги и ЕУ и САД, се забележани стотици лажни сертификати за вакцинација или фалсификувани негативни резултати од ПЦР тест.

Последниот ваков случај доаѓа од САД. Американските цариници соопштија дека заплениле најмалку 120 пратки од Кина оваа година со повеќе од 3.000 фалсификувани потврди за вакцинација против Ковид-19, пренесуваат американските медиуми.

 

Фалсификуваните потврди за вакцинација се запленети во време кога сè повеќе американски држави, градови и компании бараат доказ за вакцинација. Фалсификатите изгледале доста веродостојно, но ако внимателно се разгледаат, се забележувале бројни печатни и граматички грешки.

Сите содржеле сериски број на доза и информации за производителот, а само требало да се дополнат со податоци за корисникот. 

Во Европа засега нема поголеми инциденти поврзани со лажни вакцинални сертификати, но фалсификуваните ПЦР тестови и натаму слободно циркулираат.